Кипар од денес претседава со Европската Унија

Кипар од денес претседава со Европската Унија

пред 10 часа

Кипар објави дека ќе донесе „нов пристап кон преговарачката маса“ од моментот кога денес ќе го преземе претседателството со Европската Унија.

Како една од помалите членки на европскиот блок, Кипар ќе го извршува својот шестмесечен мандат на чело на ЕУ дисциплинирано и посветено, но и со „различен начин на размислување“, изјави вчера кипарскиот министер за надворешни работи Константинос Комбос, објавува Гардијан.

„Веруваме дека малите земји во овие ситуации имаат многу да понудат“, изјави Комбос за британскиот весник.

Како што истакна, тоа е сосема поинаков менталитет што може да се донесе на преговарачката маса, поинаков пристап.

„Како мала земја, ние сме посветени. Не го перцепираме (претседателството) како нешто што мора да го направиме, сакаме да го направиме на најдобар можен начин“, рече Комбос.

Тој нагласи дека Кипар е особено чувствителен на страдањето на Украинците.

„Агендата со право е Украина и така ќе остане. Но, сакаме во дискусијата да вклучиме прашања поврзани со поширокиот регион на Блискиот Исток, бидејќи Кипар се гледа себеси како дел од тој регион“, рече Комбос.

Комбос, исто така, истакна дека Никозија нема да „застане на патот“ на односите на европскиот блок со Анкара.

„Претседателот на Кипар Никос Христодулидис јавно изјави дека би сакал претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган да присуствува на неформалниот состанок на Советот во април. Нема да го користиме претседателството за да покренуваме национални прашања“, рече тој.

По 14 години, Кипар го презеде ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ на 1 јануари.

Како што објави „Дојче Веле“, Кипар ќе ја предводи Унијата во политички чувствителен момент што ќе ја обликува нејзината улога на глобалната сцена.

Кога Република Кипар првпат го презеде претседателството со Советот во 2012 година, Европската Унија се бореше да ги ограничи последиците од финансиската криза што беше на својот врв. Еврозоната и нејзината кохезија беа под постојан притисок, додека земји како Грција, Шпанија, Португалија и Ирска беа во програми за финансиска помош.

Кипар не беше исклучок. За време на претседателствувањето, земјата се соочи со сериозни проблеми во банкарскиот сектор, што само неколку месеци подоцна ќе ја принуди на пакетот за помош на ЕУ и Меѓународниот монетарен фонд – програма за финансиско спасување за време на кризата во Еврозоната.

Денес, четиринаесет години подоцна, Кипар го презема претседателствувањето по втор пат, во сосема поинаков контекст. DW нагласува дека Европската Унија сега е повикана да ја редефинира својата улога како политички актер во услови на долгорочни геополитички тензии, како во Источна Европа, така и во Блискиот Исток, пренесува Танјуг.

Текстот Кипар од денес претседава со Европската Унија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top