По смртоносниот пожар во ноќен клуб во Кран-Монтана, во кој голем број луѓе претрпеа тешки изгореници, Центарот за производство на клетки на кожата на Универзитетската болница во Лозана (CHUV), единствен од ваков обем во Европа, работи со полн капацитет за да им помогне на повредените, објавија денес швајцарските медиуми.
Седум пациенти со тешки изгореници од Кран-Монтана моментално се лекуваат во оваа болница.
„Приоритет е да им се помогне на овие пациенти колку што е можно повеќе“, рече експертот на центарот Лоран Карез, пренесува Svis info.
Според него, од несреќата во Кран-Монтана, во која загинаа 40 лица, а 116 беа повредени, од кои десетици се уште се хоспитализирани, центарот работи седум дена во неделата.
Овој центар, единствен способен да произведува такви количини на кожно ткиво, почитувајќи го швајцарското и европското законодавство, работи со парчиња здрава кожа земени од повредените во Кран-Монтана за да се избегне ризикот од отфрлање.
„Од 10 квадратни сантиметри здрава кожа, можеме да произведеме помеѓу една и три серии од по 2.600 квадратни сантиметри, што претставува приближно површината на грбот“, објасни Карез, истакнувајќи дека ова телесно ткиво, произведено со репродукција на клетки, дури и не содржи мали потни жлезди.
До денес, центарот примил 15 барања за трансплантација на кожа поврзана со пожарот во Кран-Монтана, додека нормално произведува трансплантати за околу 20 пациенти годишно.
Специјалистот за тешки изгореници, Оливие Панте, рече дека овој центар игра многу важна улога затоа што „кога 50 до 60 проценти од површината на телото е изгорена, кожата мора да се одгледува во лаборатории, бидејќи тоа едноставно не може да се направи со користење на преостанатата здрава кожа“.
Како што изјави, успехот на трансплантираната кожа не е секогаш загарантиран.
„Ако трансплантираната кожа се добие во 80 проценти од случаите, ние сме многу задоволни, бидејќи тоа е одличен резултат“, рече Панте.
Текстот Центарот за кожни заболувања во Лозана работи со полн капацитет за да им помогне на пациентите од пожарот во Кран-Монтана е превземен од МАКФАКС.






