По дебаклот во Норвешка „граѓаните“ ќе им ги рефундираат парите на навивачите

По дебаклот во Норвешка „граѓаните“ ќе им ги рефундираат парите на навивачите

пред 4 часа

Играчите на Манчестер Сити одлучија да им ги рефундираат парите на 374 навивачи кои патуваа во Норвешка за да го проследат дебаклот на нивниот тим од Боде/Глимт (1:3) во Лигата на шампионите.

Билетот за гостинските навивачи чинеше околу 25 фунти, па играчите на Сити ќе издвојат вкупно 9.357 фунти за да ги надоместат трошоците за оние кои патуваа во Арктичкиот круг.

Во име на тимот, капитените Бернардо Силва, Рубен Дијаш, Родри и Ерлинг Халанд рекоа дека поддршката од навивачите е од големо значење за клубот.

„Нашите навивачи ни значат сè. Знаеме какви жртви прават кога патуваат низ целиот свет за да нè бодрат, и никогаш не го земаме тоа здраво за готово. Тие се најдобрите навивачи во светот“, рекоа тие во заедничко соопштение.

Капитените, исто така, истакнаа дека се свесни колку е тешко патувањето, особено поради многу ниските температури и тешката вечер на теренот.

„Свесни сме дека ова беше долго патување за навивачите кои нè поддржуваа во жестокиот студ за време на еден тежок натпревар за нас. Покривањето на трошоците за билети за оние кои патуваа до Боде е најмалку што можеме да направиме“, рекоа играчите на Манчестер Сити.

Foto/ EPA

Share
Scroll to Top