Словачкиот премиер Роберт Фицо решително ги негираше наводите на пробриселскиот весник „Политико“ дека наводно изразил загриженост за менталната состојба на американскиот претседател Доналд Трамп, пренесуваат медиумите во регионот.
Фицо реагираше на својот Фејсбук профил, истакнувајќи дека тврдењата на овој медиум се неточни и злонамерни.
„Морам решително да ги отфрлам лагите на „Политико“ за тоа како ја оценив мојата средба со Трамп во Брисел“, рече словачкиот премиер.
Тој нагласи дека за време на неформалниот самит на Европската унија, одржан минатата недела во Брисел, воопшто не зборувал за разговорите со американскиот претседател, ниту пак разговарал за оваа тема со ниту еден лидер на земјите-членки на ЕУ. Според него, тврдењата дека им пренел лични впечатоци за Трамп на своите европски колеги се целосно неосновани.
Фицо оцени дека „Политико“ се обидува да ги поткопа конструктивните односи на Словачка со другите земји и дека, како што изјави, овој медиум е меѓу оние кои борбата за националните интереси и изразувањето на сопствените ставови го сметаат за „злосторство“. Додаде дека, поради ваквите ставови, често е цел на критики од редакцијата на овој весник.
„Политико“ денес, повикувајќи се на неименувани европски дипломати, објави дека Фицо наводно изразил загриженост за психолошката состојба на американскиот претседател на маргините на самитот во Брисел. Според овие изјави, по личната средба со Трамп на 17 јануари во неговиот имот Мар-а-Лаго, словачкиот премиер го опишал однесувањето на американскиот лидер како „опасно“ и „надвор од разумот“.
Текстот Демант од Братислава: Фицо ја негира приказната за „опасниот“ Трамп е превземен од МАКФАКС.






