Еден од тројца Германци верува дека нивната земја треба да дозволи вештачката интелигенција да донесува одлуки за живот или смрт на бојното поле, според нова анкета на „Политико“.
Една третина од испитаниците во Германија изјавиле дека се за користење на системи со вештачка интелигенција во оружјето наместо човечки носители на одлуки, дури и ако тие системи се помалку транспарентни, покажа анкетата.
Релативно високото прифаќање на таканаречените смртоносни автономни системи на оружје, познати и како „роботи убијци“, е изненадувачко со оглед на тоа колку бавно Берлин усвојува нови технологии и колку длабоко е посветен на заштитата на податоците, која сега е под притисок од новите апликации на вештачката интелигенција, соопшти „Политико“.
Резултатите, исто така, укажуваат на културна промена, при што владата на канцеларот Фридрих Мерц повеќе не ги исклучува експлицитно смртоносните одлуки без човечка проверка.
За споредба, во САД, Велика Британија, Канада и Франција, 26 проценти од испитаниците изјавиле дека војската може да се потпре на вештачката интелигенција, а не на човечките одлуки.
Четириесет и седум проценти од германските испитаници сè уште ја поддржуваат човечката вклученост во употребата на оружје, дури и ако е побавна од вештачката интелигенција.
Речиси половина од испитаниците во Германија, или 46 проценти, рекле дека сајбер-безбедноста и способностите за вештачка интелигенција се подеднакво важни како и традиционалната воена моќ за добивање војни.






