(Фото) Во документите на Епстин, објавена фотографија од Хокинг додека позира со две девојки, семејството тврди: Тоа се негователки

(Фото) Во документите на Епстин, објавена фотографија од Хокинг додека позира со две девојки, семејството тврди: Тоа се негователки

пред 4 часа

Семејството на починатиот научник Стивен Хокинг тврди дека жените во бикини кои позираат со него на фотографија од документите на Џефри Епстин биле негови долгогодишни негователки. На фотографијата познатиот физичар се смее, а покрај него стојат две жени кои држат, како што изгледа, овошни коктели. Како и кај многу други документи што ги објави американското Министерство за правда, не е наведен контекстот кога и каде е направена фотографијата.

Семејството: Фотографијата е од 2006 година, на Карибите

Претставник на наследството на Хокинг за „Дејли мејл“ изјавил дека двете жени биле негови „долгогодишни негователки од Обединетото Кралство“. Додал дека фотографијата е направена во 2006 година во хотелот „Риц-Карлтон“ на карипскиот остров Сент Томас. Според семејството, Хокинг позирал за фотографијата откако одржал говор за квантна космологија на научен симпозиум, на кој присуствувал и Џефри Епстин.

Семејството одбило да открие кој ја направил фотографијата и како таа се нашла во документите на Епстин. Исто така, не одговориле на прашања за односот меѓу Хокинг и Епстин, како и дали било вообичаено негователките да се грижат за него во костими за капење и при тоа да пијат коктели.

Фото: Министерство за правда на САД

Хокинг, кој почина во март 2018 година на 76-годишна возраст, повеќе од 50 години живееше со амиотрофична латерална склероза (АЛС), поради што поголем дел од животот му беше потребна целодневна медицинска грижа од тим медицински сестри.

Портпаролот на семејството изјави за „Дејли мејл“ дека професорот Хокинг дал некои од најголемите придонеси во физиката во 20 век, истовремено бил и најдолговечниот познат пациент со болест на моторниот неврон и зависел од респиратор, синтетизатор на говор, инвалидска количка и целодневна медицинска нега.

„Секоја инсинуација за непримерно однесување од негова страна е погрешна и крајно претерана“, навел портпаролот.

Хокинг бил меѓу 21 меѓународно признат научник кои во март 2006 година учествувале на конференција организирана од Епстин, пет месеци пред финансиерот првпат да биде обвинет за поттикнување на проституција.

Конференцијата со наслов „Енергијата на вакуумот која не е нула“ се одржала во хотелот „Риц-Карлтон“ на островот Сент Томас, недалеку од приватниот остров на Епстин, Литл Сент Џејмс.

Во објава на блогот на Фондацијата „Џефри Епстин VI“ било наведено дека гостите можеле „да дискутираат, да се релаксираат на плажа и да посетат блиско приватно островско засолниште на научниот филантроп Џефри Епстин, кој го финансирал настанот“. Се чини дека гостите престојувале и на Сент Томас и на Литл Сент Џејмс, каде што Епстин лично ги угостил.

Фотографии објавени во 2015 година го прикажуваат Хокинг на скара на островот, а подоцна му била организирана и тура по морското дно околу островот со подморница која Епстин ја пренаменил специјално за него.

Министерството за правда досега објавило повеќе од 3,5 милиони документи поврзани со Епстин, од вкупно повеќе од шест милиони идентификувани списи.

Текстот (Фото) Во документите на Епстин, објавена фотографија од Хокинг додека позира со две девојки, семејството тврди: Тоа се негователки е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top