Германската медиумска групација „Аксел Спрингер“ се согласи да го купи британскиот весник „Дејли телеграф“ за 575 милиони фунти (664 милиони евра), објавија компаниите.
Со ова завршува долготрајната сага околу сопственоста на „Телеграф Медиа Груп“, која го издава 171-годишниот конзервативен „Дејли телеграф“, неговото неделно издание и управува со онлајн порталот „Телеграф“.
Германската компанија веќе поседува голем број медиуми, вклучувајќи ги весниците „Билд“ и „Велт“ и порталите „Бизнис инсајдер“ и „Политико“. Претходно се обиде да влезе на британскиот пазар, но без успех, со понуди за купување на „Телеграф“ во 2004 година и на „Фајненшл тајмс“ во 2015 година, објави „Асошиејтед прес“.
„Пред повеќе од 20 години се обидовме да го купиме „Телеграф“ и не успеавме. Сега нашиот сон се оствари“, рече извршниот директор на „Аксел Спрингер“, Матијас Допфнер.
Договорот доаѓа по години неизвесност околу иднината на публикациите на „Телеграф“ и го завршува обидот за преземање од страна на сопственикот на „Дејли меил“, конкурентски десничарски весник.
„Телеграф медиа груп“, претходно во сопственост на британското семејство Баркли, е ставен на продажба во 2023 година за да ги отплати семејните долгови. Една понуда даде „РедБирд ИМИ“, конзорциум поддржан од „РедБирд Капитал Партнерс“ и шеикот Мансур бин Зајед Ал Нахјан, член на кралското семејство од Абу Даби и потпретседател на Обединетите Арапски Емирати.
Конзорциумот се повлече во 2024 година по силното противење од британската влада, која започна законски измени за да спречи странско сопствеништво на британските медиуми.
фото/Depositphotos
Текстот Германски медиумски гигант го купи британскиот „Телеграф“ за 664 милиони евра е превземен од МАКФАКС.






