Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска имаше средба со Даниела Димовска, директорка на новоформираната Агенција за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА.
Таа ја запозна со стратешките приоритети, проекти и активности на Агенцијата. Според неа, современиот економски развој наметнува потреба од унапредување на националниот екосистем, зелените политики, намалувањето на загадувањето и управувањето со отпадот.
Претставниците на ИНОВА информираа за конкретните механизми на Агенцијата за поддршка на стартапите, за програмите за млади претприемачи, како и активностите насочени кон поттикнување на самовработувањето.
Соговорниците сметаат дека за креирањето на одржливи иновациски политики и пристап до нови пазари и знаења, потребна е интензивна меѓународната соработка, а особено вклучување на нашата дијаспора.
Укажувајќи на важноста од стимулирање на иновациите како двигател на конкурентната економија, Сиљановска-Давкова упати на континуирано јакнеење на партнерството меѓу јавниот и приватниот сектор.
За неа, врската меѓу универзитетите, иноваторите и бизнис секторот, e круцијална претпоставка за практична примена на знаењето и развојот на нови технологии.
Претседателката, им посака плодотворна и успешна работа, изразувајќи став дека инвестициите во нови технологии носат побрз економски раст, отворање квалитетни работни места и гарантираат повисок животен стандард на граѓаните.
Текстот Сиљановска-Давкова на средба со директорката на новоформираната Агенција за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво е превземен од МАКФАКС.





