Возачот на Априлија, Марко Бецеки, триумфираше на Големата награда на Бразил, втората трка од овогодинешното првенство во Мото ГП, откако водеше од почетокот до крајот.
Италијанецот ја забележа својата четврта победа по ред, приклучувајќи се на листата на само неколку возачи кои успеале да го сторат тоа, вклучувајќи ги Валентино Роси, Марк Маркез и Хорхе Лоренцо.
По осми пат во кралската класа, Бецеки се најде на највисокото скалило на подиумот, а целта ја помина со три секунди предност пред тимскиот колега, шампионот од 2024 година, Хорхе Мартин. За Шпанецот, ова е прв подиум откако се префрли во Априлија, но и прв по 500 дена, поточно откако ја освои титулата во ноември 2024 година.
На најниското скалило на подиумот се искачи Фабио ди Џанантонио од тимот ВР46, кој го победи бранителот на титулата Марк Маркез во борбата за подиумот.
Пред почетокот, беше донесена одлука трката да се скрати од 31 на 23 круга поради деградација на патеката.
Бецеки водеше од самиот почеток и многу брзо воспостави контрола, пред Ди Џанантонио, Маркез, Мартин и Акоста. Веќе во вториот круг, Диџа направи грешка и отиде премногу широко, што му овозможи на актуелниот шампион да го престигне, додека зад нив Мартин и Акоста се бореа за четвртата позиција.
На врвот, Бецеки стекна сигурна преднотс, а на крајот од шестиот круг, Мартин се проби до второто место, откако ги престигна Маркез и Диџа. Бранителот на титулата падна на четвртото место, но се држеше блиску до возачот на тимот ВР46. Конечно нападна на пет круга до крајот, Италијанецот возврати по неколку кривини, а потоа успеа да се одбрани од нападите на Шпанецот.
Foto/ EPA






