Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) за Источен Медитеран, Ханан Балки, предупреди дека е неопходен целосен прекин на непријателствата на Блискиот Исток за да се запре „здравствената криза“ што се случува таму.
Балки повика болниците и другите здравствени установи да продолжат да се третираат како „безбедни засолништа“ и истакна дека се подготвуваат упатства во случај на влијание врз нуклеарните постројки или постројките за десалинизација на вода, чиј напад би бил „катастрофа“, објави Гардијан.
Воените конфликти предизвикаа повеќе од 1.000 смртни случаи во Либан, повеќе од 1.500 во Иран и 16 во Израел, додека хронично болните се соочуваат со прекинат третман, а повеќе од четири милиони луѓе се раселени во Иран и Либан.
Балки изрази загриженост за долгорочните последици од конфликтот, вклучително и влијанието врз мајчиниот морталитет, менталното здравје и децата без родители и образование, пренесува Танјуг.
Таа истакна дека СЗО соработува со други агенции на ОН за ублажување на можните катастрофи, вклучително и контаминација на изворите на вода по нападите врз нафтените или нуклеарните постројки.
„Единственото решение во овој момент е значителна деескалација или пауза, и се надевам на трајна пауза во оваа ескалација на војната“, рече Балки, додавајќи дека мора да се обезбеди безбедно засолниште за здравствениот сектор, вклучувајќи ги болниците, медицинскиот персонал и пациентите.
СЗО потврди десетици напади врз здравствени установи во Либан, Иран и Израел, а во неодамнешниот напад врз болница во Источен Дарфур загинаа најмалку 70 лица, вклучувајќи деца и медицински работници.
Текстот СЗО предупредува на здравствена криза на Блискиот Исток е превземен од МАКФАКС.





