Стармер го свика кризниот штаб поради растот на трошоците за живот

Стармер го свика кризниот штаб поради растот на трошоците за живот

пред 3 часа

Британскиот премиер Кир Стармер денес ќе претседава со состанок на комитетот за управување со кризи COBRA во врска со зголемувањето на трошоците за домаќинства предизвикани од конфликтот во Иран, јавуваат британските медиуми.

Стармер рече дека фокусот е на обезбедување сè што е потребно „за одговор на кризата“, објавува „Индипендент“.

Како што е наведено, се очекува просечните сметки за енергија во Велика Британија да пораснат за речиси 300 фунти (350 евра) од јули, поради зголемувањето на глобалните цени на енергијата предизвикани од прекини во снабдувањето.

Скокот на цените се случи откако Иран делумно го блокираше Ормускиот теснец, клучен поморски пат низ кој минува значителен дел од светската трговија со нафта и гас, како и поради нападите врз цели во регионот на Персискиот Залив.

Британските возачи веќе ги чувствуваат последиците, бидејќи платиле дополнителни 540 милиони фунти (околу 650 милиони евра) за гориво од почетокот на конфликтот на крајот на февруари.

Стармер претходно вети дека ќе го „разгледа планираното зголемување на давачката за гориво од септември во светлината на она што се случува во Иран“, а владата ги засили напорите да им помогне на возачите да го пронајдат најевтиното гориво во нивната област преку апликација за споредба на цени.

Министерката за финансии Рејчел Ривс ја објави можноста за насочена помош за најранливите домаќинства доколку продолжат зголемувањата на цените, особено пред есента и зимата кога потрошувачката на енергија е поголема.

Во исто време, лидерката на опозицијата Кеми Баденох ја обвини владата дека не е подготвена за енергетски шок и предложи укинување на ДДВ-то на сметките за енергија, како и зголемување на домашното производство на нафта и гас.

Конфликтите на Блискиот Исток продолжија со размена на удари меѓу Иран и сојузниците на Соединетите Американски Држави и Израел, додека американскиот претседател Доналд Трамп се закани со дополнителна ескалација доколку не се обезбеди непречен премин на бродовите низ клучните поморски патишта.

Британската влада објави дека продолжува со дипломатските напори со своите сојузници во регионот со цел да се спречи понатамошна ескалација на конфликтот, пренесува Танјуг.

Текстот Стармер го свика кризниот штаб поради растот на трошоците за живот е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top