Иран: Ормутскиот теснец е отворен за бродови од повеќето земји

Иран: Ормутскиот теснец е отворен за бродови од повеќето земји

пред 5 часа

Ормутскиот теснец е отворен за бродови од повеќето земји, изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи во интервју за Ал Џезира, додавајќи дека за неговата иднина ќе одлучуваат Иран и Оман, кои имаат територијални води во овој премин.

Иран, по американско-израелските напади, презел контрола врз Ормутскиот теснец, забранувајќи транзит за бродови поврзани со САД, Израел и нивните сојузници.

Иранските власти повеќепати нагласиле дека теснецот не е целосно затворен и дека бродови од „пријателски“ земји можат да поминуваат во координација со иранската морнарица.

„Теснецот е затворен само за бродови на оние кои војуваат против нас. Тоа е нормално во време на војна – не можеме да им дозволиме на непријателите да ги користат нашите територијални води за трговија“, изјави Аракчи за Ал Џезира.

Тој додаде дека бродови од други земји самостојно одлучиле да не пловат низ теснецот поради безбедносни причини, високи осигурителни трошоци или други фактори.

Според него, неколку индиски, пакистански, турски и кинески бродови веќе поминале низ теснецот, додека дел од земјите водат преговори со иранската влада за транзит.

Минатата недела, Аракчи изјави дека преминот е дозволен за „пријателски“ земји, меѓу кои ги наведе Кина, Русија, Индија, Ирак и Пакистан.

Тој нагласи дека иднината на Ормутскиот теснец ќе ја определуваат Иран и Оман, бидејќи водите на преминот се под нивна територијална контрола.

Ормутскиот теснец ги поврзува Оманскиот и Персискиот Залив. Северниот дел му припаѓа на Иран, додека јужниот дел е под контрола на Оман и Обединетите Арапски Емирати.

Аракчи заклучи дека теснецот мора да биде „мирен пловен пат“.

Во меѓувреме, земјите од Персискиот Залив, вклучително и Катар, инсистираат да учествуваат во разговорите за иднината на теснецот.

Кина и Пакистан објавија план за ставање крај на војната во Иран, во кој една од клучните точки е безбедноста на бродските рути низ Ормутскиот теснец. Тие повикаа на заштита на бродовите и екипажите и нормализирање на сообраќајот што е можно побрзо.

Иранскиот парламент, пак, усвоил предлог-закон за регулирање на безбедноста на пловидбата и воведување финансиски механизми, вклучително и наплата на такси во ирански ријали. Според предлогот, транзитот ќе биде забранет за бродови поврзани со САД и Израел, додека за земјите што вовеле санкции кон Иран ќе важат ограничувања.

Ирански претставници нагласуваат дека при изработката на новиот правен рамковник се координираат со Оман, а централна улога во управувањето со теснецот ќе има иранската војска.

Текстот Иран: Ормутскиот теснец е отворен за бродови од повеќето земји е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top