Иран се подготвува за копнен напад: копа тунели, поставува мини, масовно го мобилизира населението

Иран се подготвува за копнен напад: копа тунели, поставува мини, масовно го мобилизира населението

пред 5 часа

Соочен со закана од американска копнена операција, Иран одговори со засилување на одбраната околу својот најважен нафтен терминал на островот Харг, со закани за напади на поширок спектар цели во Персискиот Залив и со покренување масовна кампања за регрутација, која потсетува на војната со Ирак во осумдесеттите години, објави Вол Стрит Журнал.

Подготовки за копнен конфликт

Овие потези следеа откако претседателот Доналд Трамп нареди испраќање илјадници маринци и воздушно-десантни сили на Блискиот Исток. Иако не беше директно најавено испраќање копнени сили, ова распоредување му дава на САД повеќе можности за напади, што предизвика засилени подготовки и нови закани од Техеран.

Иранските аналитичари и познавачи на воената тактика проценуваат дека земјата се подготвува за жестока борба која може да ѝ нанесе поголеми загуби отколку судирот со воздушните сили на САД и Израел.

Јакнење на одбраната на островот Харг

Иран ја зајакнува одбраната на островот Харг, клучен нафтен терминал и можен центар на копнена операција, изјави Ебрахим Азизи, претседател на Парламентарната комисија за национална безбедност. По посета на островот, Азизи рече дека мерките вклучуваат зајакнување на системите за наведувани проектили, поставување мини по крајбрежјето и минско обезбедување на објекти.

Воените аналитичари веруваат дека на многу острови се ископани тунели и дека Иран се подготвува да ги брани со проектили и друго оружје. Проиранските милиции во Ирак веќе покажаа употреба на ФПВ дронови, кои Корпусот на чувари на исламската револуција поседува во голем број, а кои претставуваат сериозна закана за американските сили.

Ширење на конфликтот како средство за одвраќање

Режимот сигнализира дека одбраната ќе вклучува и проширување на конфликтот на целиот регион, со цел драматично да ја зголеми цената на секој напад. Техеран, кој веќе го запре делумно извозот на нафта од Заливот и нападна неколку постојки и аеродроми, им порача на соседите дека во случај на напад на неговите острови, ќе ги прошири целите на нафтени платформи на море, според ирански и арапски официјални лица.

Исто така, се закани со напади на клучна инфраструктура, како електрани и постројки за дезалинизација.

Воена сила и можни сценарија

Според проценки, Иран има околу еден милион активни и резервни војници, од кои околу 190.000 се високо мотивирани борци на Кoрпусот на чувари на исламската револуција. Поголемиот дел од армијата е слабо обучен и опремен со застарено оружје, но предност им дава планинскиот терен.

Морнарицата на Револуционерната гарда, која располага со стотици мали и брзи бродови вооружени со проектили, торпеда и мини, години наназад го попречува пловењето во Персискиот Залив и во 2016 година привремено зароби десет американски морнари.

Аналитичари како можни американски операции разгледуваат инвазија на островот Харг за да се заземат иранските нафтени извори. Други опции вклучуваат заземање на ирански острови во Ормутскиот теснец, како Абу Муса, за кој права имаат и Обединетите Арапски Емирати, или напади на специјални сили со цел запленување на обогатен ураниум.

Крис Лонг, поранешен офицер на Британската морнарица, очекува Иран да лансира балистички проектили и дронови од островот Кешм во Ормутскиот теснец или од Бушер, најблиску до островот Харг, но нападите би можеле да дојдат од било која локација во Иран.

Глеб Ирисов, поранешен офицер на руските воздушни сили кој соработувал со иранските сили во Сирија, смета дека иранските трупи од утврдени тунели би напаѓале упадници со ФПВ дронови и преносни противвоздушни проектили.

„Тука нема полови решенија“, рече Ирисов. „САД би морале да испратат повеќе од 100.000 војници низ целата крајбрежна област за да ги одбранат овие острови и теснецот. Секој друг пристап би резултирал со огромни американски загуби.“

Мобилизација на домашен терен

Иранската влада ја заострува ситуацијата и внатре во земјата. Жителите на Исфахан известуваат за нови контролни пунктови поставени од маскирани безбедносни сили. Почната е и регрутациска кампања „Џанфада“ (Жртва) со повик до доброволци за борба. Револуционерната гарда регрутира и деца од 12 години за помошни задачи како готвење, медицинска нега и работа на контролни пунктови.

Обединети против надворешен непријател

Тешко е да се процени колку Иранци би се одзвале на мобилизацијата, иако агенцијата Фарс, блиска до Револуционернара гарда, наведува бројки од повеќе милиони. Сепак, евентуална инвазија би предизвикала силен националистички одговор, дури и меѓу население поделено по политичка линија.

„Ова е покер партија со високи облози“, рече Боб Харвард, пензиониран американски морнарички специјалец.

Азам Џанграви, активистка која побегнала од Иран по протестите против задолжителното носење хиџаб, вели дека првично го поддржувала воздушниот напад на ирански лидери, но се предомислила по заканите за окупација на иранските острови.

„Територијалниот интегритет е црвена линија за мнозинството Иранци, без разлика дали го поддржуваат режимот или не“, заклучи таа.

Текстот Иран се подготвува за копнен напад: копа тунели, поставува мини, масовно го мобилизира населението е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top