Победникот на неодамнешните унгарски избори и иден премиер, Петер Маѓар, објави видео од претседателската палата Шандор во Будимпешта, каде што претседателот му ја покажувал својата канцеларија. За време на обиколката, Маѓар го забележал поранешниот премиер, Виктор Орбан, на балконот од соседната зграда, седиштето на премиерот, како чита нешто.
Потоа Маѓар се сврте кон камерата и ја коментираше сцената со зборовите: „Апсолутно кинематографски“.
Тој објави и порака со видеото: „Животот е најголемиот режисер. Додека претседателот само ми ја покажуваше својата канцеларија, од која наскоро ќе си замине, јас го гледав премиерот во заминување. Што мислите дека чита Виктор Орбан? а) неговиот проштален говор б) спортски вести в) денешната изјава на Доналд Трамп“, напиша Маѓар.
Трамп, денес го нарече Маѓар „добар човек кој ќе заврши добра работа“.
Маѓар постигна убедлива победа на изборите во неделата, со што заврши 16-годишното владеење на Виктор Орбан и неговата партија Фидес. Ова е еден од најголемите политички пресврти во поновата унгарска историја, по што се очекува да се формира нова влада предводена од Маѓар.
Гласачите ја поддржаа неговата кампања, која беше фокусирана на борба против корупцијата и промена на политичкиот систем, додека Орбан ја изгуби поддршката по години доминација обележани со конфликти со Европската унија и Украина, како и економски пад на Унгарија.
Текстот Маѓар објави видео, од далеку се гледа Орбан на балкон: Што мислите дека чита – неговиот проштален говор или спортски вести? е превземен од МАКФАКС.




