Пожарот ги уништи соблекувалните на Базел

Пожарот ги уништи соблекувалните на Базел

пред 4 часа

Фудбалскиот клуб Базел ги објави првите фотографии и нови детали за пожарот што избувна минатиот петок во соблекувалните на Сент Јакоб-Парк. Штетата е огромна, а поради инцидентот, лигашкиот натпревар против Тун, кој требаше да се игра минатиот викенд, исто така беше одложен. Во пожарот нема повредени, пишува „bluewin.ch“.

Пожарот избувна во петокот вечерта, а го изгаснаа професионални пожарникари и волонтери од Базел.

„Целата опрема за фудбалерите, материјали за тренинг, тренерска опрема – сè беше изгубено“, изјави портпаролот на клубот Симон Валтер во саботата.

Клубот во среда објави дека првите официјални истраги, завршени до вторник наутро, покажаа дека пожарот започнал во просторот на сауната.

Крилото А, кое ја вклучува клучната инфраструктура на клубот, како што се соблекувални, тренерски канцеларии, физиотерапија, складирање на опрема и велнес зона, се смета за целосно уништена.

Иако пожарот беше претежно ограничен на сауната и соседните простории, остатокот од крилото претрпе непоправлива штета.

Во крилото Б, каде што се наоѓаат медиумската зона, гостинската соблекувална и просторијата за контрола на допинг, штетата исто така обемна. Сепак, клубот се надева дека барем дел од тој простор би можел да се спаси, а подетални наоди се очекуваат во наредните недели.

Во Базел проценуваат дека уништените простории нема да можат да се користат до крајот на сезоната.

„Главен приоритет на клубот сега е да се обезбеди играње на преостанатите три домашни натпревари во тековната сезона“, соопшти клубот, додавајќи дека интензивно работат на наоѓање соодветни алтернативни решенија.

Базел е еден од најтрофејните швајцарски клубови, со 20 освоени титули во лигата и 13 освоени швајцарски купови.

Foto: FC Basel

Share
Scroll to Top