Петер Маѓар изјави дека Унгарија повторно ќе се приклучи на Меѓународен кривичен суд (МКС) и ќе биде подготвена да ги спроведува налозите за апсење, вклучително и оној што се однесува на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Виктор Орбан, кој беше на власт 16 години, минатата година најави повлекување на Унгарија од МКС, откако го прими Нетанјаху во Будимпешта. Повлекувањето требаше да стапи на сила на 2 јуни оваа година.
Веднаш по победата на парламентарните избори на 12 април, Петер Маѓар најави дека има намера да ја врати Унгарија во МКС. Во исто време, израелските медиуми објавија за негов телефонски разговор со израелскиот премиер, во кој Маѓар го поканил Нетанјаху во Будимпешта на 23 октомври, по повод 70-годишнината од востанието во 1956 година.
На прашање од новинар во понеделник дали тука има контрадикторност, Маѓар појасни дека поканата ја упатил до сите лидери со кои разговарал телефонски.
„Ако некоја земја е членка на Меѓународниот кривичен суд и лице по кое се трага влезе на нејзина територија, тогаш тоа лице треба да биде уапсено“, додаде идниот проевропски конзервативен лидер на прес-конференција по првиот состанок на неговата пратеничка група во парламентот.
„Не морам сè да кажам преку телефон. Претпоставувам дека секој шеф на држава и влада ги познава тие закони“, додаде Маѓар.
Меѓународниот кривичен суд со седиште во Хаг во 2024 година издаде налог за апсење на Бенјамин Нетанјаху поради воени злосторства и злосторства против човештвото во Појасот Газа.
Маѓар стави до знаење дека неговиот тим ја проучува процедурата за прекин на процесот на повлекување на Унгарија од Меѓународниот кривичен суд пред 2 јуни.
Маѓар во понеделник најави и дека конститутивната седница на Националното собрание ќе се одржи за време на викендот на 9 и 10 мај, кога ќе положи заклетва.
Depositphotos
Текстот Маѓар: Унгарија ќе ги спроведува налозите од Меѓународниот кривичен суд, и против Нетанјаху е превземен од МАКФАКС.




