Дипломатскиот пристап кон решавање на спорот помеѓу Македонија и Бугарија беше тема на остра дебата на меѓународниот форум во Атина, каде поранешниот шеф на дипломатијата Никола Димитров му реплицираше на бугарски претставник од публиката.
Никола Димитров, во својство на претседател на невладината организација „Солуција“, оцени дека актуелниот модел на односи не претставува вистински компромис. Тој рече дека сегашната рамка, наместо решение, продуцирала најлоши билатерални односи во историјата на двете земји.
„Компромис е решение кое двете страни ќе ги направи подеднакво несреќни. Кога едната страна е еуфорична, тоа не е компромис. Прашањето не е решено, а резултатите од таквата стратегија се тажни“, изјави Димитров, реплицирајќи на ставот од бугарскиот претставник дека прашањето било затворено и државата сега треба да испорача.
„Бугарија на сите анкети кај нас е најголем непријател. Дали навистина тоа го сакате? Колку и да мислите дека ви е добра стратегијата – не е лошо да си ги погледнете резултатите“, му порача поранешниот шеф на македонската дипломатија на бугарскиот претставник на форумот.
Димитров потенцираше и дека земјите од регионот треба да се третираат како идни членки, а не како трети држави. Постепената интеграција, како што рече, треба да овозможи слободно движење на луѓе и стоки и ни треба поголема динамика и резултати преку иницијативи како пристапот до СЕПА, „зелените ленти“ и укинувањето на роаминг трошоците.
Текстот Димитров од Атина: Меѓу Скопје и Софија нема компромис, туку пакет кој не донесе решение е превземен од МАКФАКС.






