Напаѓачот кој во саботата вечерта се обиде да се доближи до салата каде што американскиот претседател Доналд Трамп вечераше со членови на кабинетот и новинари, успеал со изненадувачка леснотија да се пробие низ обезбедувањето во хотелот „Вашингтон Хилтон“ – истиот хотел во кој пред 45 години беше застрелан тогашниот претседател Роналд Реган.
Пространиот хотел, сместен околу 2,4 километри северно од Белата куќа, со децении е домаќин на Вечерата на дописниците од Белата куќа поради својот капацитет и фактот што Тајната служба добро го познава неговиот безбедносен систем. На настанот присуствувале повеќе од 2.500 луѓе, меѓу кои и пет од шесте највисоки функционери во линијата на претседателско наследување, додека стотици други присуствувале на приеми организирани од медиумски куќи, пишува „Волстрит журнал“.
И покрај видливиот безбедносен периметар и најавите за строги мерки, присутни сведочеле дека во хотелот можело да се влезе преку контролни пунктови на околните улици само со покажување влезница за вечерата или покана за некој од приемите. Персоналот ги прегледувал билетите, но тие не биле скенирани, ниту пак се проверувал идентитетот на присутните.
„При влез никој детално не ми ја погледна влезницата, ниту ми побара лична карта. Доволно беше да покажам нешто што личеше на билет“, објави на социјалните мрежи Кари Лејк, поранешна републиканска кандидатка за гувернерка и сенаторка во Аризона, а сега виша советничка во Американската агенција за глобални медиуми.
Гостите можеле да пристапат до лобито и пониските катови на хотелот без никакви безбедносни проверки, а дури пред влезот во балската сала каде што се одржувала вечерата поминувале низ детектори за метал. Според сведоците, било полесно да се влезе на оваа вечера отколку на многу големи спортски натпревари или концерти.
Со 1.107 соби и апартмани, 47 сали за состаноци и четири ресторани, огромниот објект не може целосно да се затвори за еден настан, дури ни за настан од висок безбедносен ризик. Една од тие соби ја резервирал 31-годишниот напаѓач, кој се пријавил ден пред пукањето, што му овозможило подобро да се запознае со распоредот на хотелот.
„Тој не го надмудри обезбедувањето ноќта на вечерата. Го надмудри денот кога резервираше соба“, изјави Џејсон Пак, поранешен функционер на ФБИ. „Изградија цел систем за да запрат армија. Се покажа дека нему му бил доволен клуч од соба“, додаде тој.
Полициски извори потврдија дека осомничениот, Кол Ален од Торенс, Калифорнија, патувал со воз од Лос Анџелес до Чикаго, а потоа до Вашингтон. Во низа записи што ги прегледал „Волстрит журнал“, Ален навел дека во хотелот внел повеќе парчиња оружје и дека „никој не ни помислил дека може да биде закана“.
Непосредно пред пукањето, на своите роднини им испратил манифест во кој напишал:
„Што по ѓаволите прави Тајната служба? Очекував безбедносни камери на секој агол, озвучени хотелски соби, вооружени агенти на секои неколку метри, детектори за метал насекаде. А што добив? Ништо.“
„Обезбедувањето е надвор, фокусирано на протестите и пристигнувањата, затоа што очигледно никој не размислувал што ако некој се пријави ден порано“, напишал тој.
Саботниот инцидент речиси сигурно ќе предизвика преиспитување на протоколите во Тајната служба за локација што ја обезбедувале десетици пати. По претходните обиди за атентат врз Трамп во Батлер, Пенсилванија и на Флорида, инцидентот дополнително ја нагласува тешкотијата да се организираат големи политички настани во денешната безбедносна клима.
„Се поставува прашањето дали традиционалните протоколи за места како Хилтон сè уште се соодветни за овој претседател и оваа администрација во денешната средина на закани“, изјави Чарлс Марино, поранешен висок функционер на Тајната служба.
Портпаролот на Тајната служба, Ентони Гулиелми, изјави дека безбедносните планови се изработуваат врз основа на разузнавачки информации.
„Иако моделот на заштита за овој настан се покажа како ефикасен, клучната порака за иднината е дека може да се очекуваат подобрувања на сите нивоа“, рече тој.
До неделата наутро, истражителите сè уште се обидувале да го утврдат точниот пат на напаѓачот од неговата хотелска соба до балската сала. Надзорните снимки покажуваат како непосредно пред пукањето трча покрај контролен пункт кон салата.
Истражителите веруваат дека пукал со сачмарка, по што полицијата возвратила со оган, но резултатите од балистичкото вештачење сè уште се чекаат. Во неговата хотелска соба биле пронајдени наполнет шаржер со 10 куршуми, два ножа, лаптоп, хард-диск, сметка за метро и маска со филтер.
Во салата, по наглото прекинување на настанот, присутните биле потресени и од фактот што токму во истиот хотел пред децении бил застрелан и друг претседател.
„Овде беше застрелан Реган“, потсетил коосновачот на Carlyle, Дејвид Рубенштајн.
Иако пукањето ги вознемири присутните, дел од безбедносните функционери оценија дека неуспехот на напаѓачот покажува дека системот сепак функционирал. Напаѓачот бил запрен на надворешниот безбедносен прстен и би морал да мине уште неколку слоеви за да стигне до претседателот.
„Мора да учиме од ова што се случи, и ќе учиме, но првиот заклучок е дека системот функционираше“, изјави вршителот на должноста државен обвинител Тод Бланш.
Здружението на дописници од Белата куќа (WHCA), која го организира настанот, соопшти дека веќе се одржале повеќе состаноци со Белата куќа, хотелот и Тајната служба за ревизија на безбедносните планови.
Хотелот соопшти дека работел според строгите безбедносни протоколи на Тајната служба.
Трамп, кој оваа година првпат како актуелен претседател присуствуваше на вечерата, изјави дека сака повторно да ја одржи во следните 30 дена.
Тој коментирал дека хотелот „не е особено безбедна зграда“ и додал дека настанот ја нагласил потребата за голема балска сала што планира да ја изгради во Белата куќа.
Текстот „Очекував агенти на секој чекор“: Напаѓачот на Трамп открил сериозни пропусти во обезбедувањето е превземен од МАКФАКС.




