Дури 13 фудбалери би можеле да го напуштат Манчестер Јунајтед следното лето, како дел од голема реконструкција на тимот и обид за стабилизирање на финансиите и резултатите.
Клубот од „Олд Трафорд“ се соочува со преоден рок во кој излезните трансфери ќе бидат исклучително важни.
Се очекува вистинска „чистка“, со бројни продажби – вклучувајќи играчи за чии трансфери се исплатени огромни суми, објавува „Манчестер Ивнинг Њуз“.
Еден од најпознатите случаи е Маркус Рашфорд, кој игра одлична сезона во Барселона (13 гола и асистенции).
Барселона има опција да го купи за околу 30 милиони евра, што англискиот клуб го смета за ниска цена во споредба со неговиот квалитет.
Сепак, неговото останување не е исклучено, иако желбата на играчот е да ја продолжи кариерата во Барселона.
Тимот ќе се раздели и со Касемиро, кој пристигна во 2022 година за околу 70 милиони евра, но е јасно дека неговата ера во клубот е завршена.
Во нападот, Расмус Хојлунд (14 гола, 6 асистенции) е блиску до заминување, откако дојде во клубот за 83 милиони евра.
Неговиот потенцијален трансфер во Наполи се проценува на околу 50 милиони евра, што значи загуба за клубот.
Слична е ситуацијата и со Џејдон Санчо, кој би можел да замине без обештетување откако не ги оправда очекувањата дури и на позајмица во Астон Вила (еден гол, три асистенции).
Промени се очекуваат и во другите редови на тимот.
Тајрел Маласија би можел да замине поради проблеми со повреди, додека клубот се обидува да врати дел од инвестицијата од 54 милиони евра во голманот Андре Онанау (на позајмица во Трабзон) во 2023 година.
Уште двајца голманит, Радек Витек и Алтај Бајиндир би можеле да бараат минути надвор од клубот.
За место во тимот не се сигурни ниту, Џошуа Зиркзе и Мануел Угарте, чии перформанси не ги оправдаа целосно очекувањата, и покрај нивната висока пазарна вредност.
Исто така, неколку млади играчи од академијата би можеле да бараат шанса за развој на друго место, вклучувајќи ги Тајлер Фредриксон, Тоби Колиер и Ден Гор.
Сè укажува на многу турбулентен трансфер период на „Олд Трафорд“ – со потенцијални приходи од продажба, но и загуби во повеќето случаи, клубот сака да започне нова ера со поконкурентен состав.
Реалноста на Манчестер Јунајтед во последните години не е светла – клубот освои само шест трофеи во последната деценија: два ФА купа, два Лига купа, еден Комјунити Шилд и еден Лига Европа.
Тие не ја освоија титулата во Премиер лигата од сезоната 2012/2013, а од 2016 година клубот смени дури десет тренери: Луј ван Гал, Жозе Мурињо, Мајкл Карик, Оле Гунар Солскјер, повторно Карик, Ралф Рангник, Ерик тен Хаг, Руд ван Нистелрој, Рубен Аморим и повторно Карик, со кого резултатите конечно се консолидираа до одреден степен и „црвените ѓаволи“ се блиску до враќање во Лигата на шампионите.
Нестабилноста е очигледна, а новото лето носи уште еден обид клубот да ја врати поранешната слава.
Foto/ Depositphotos






