Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, присуствуваше на едукативен настан во Дом на културата „Марко Цепенков“, посветен на најмладите и нивната безбедност во сообраќајот.
Настанот се одржа во рамки на кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, при што беше изведена интерактивната театарска претстава „Застани, погледни, па на пешачки премин премини“. Преку креативен пристап, повеќе од 600 првачиња од Прилеп и Кривогаштани имаа можност да ги научат основните правила во сообраќајот.
„Ваквиот начин на едукација, преку интеракција и практични примери, остава најсилен впечаток кај децата и придонесува тие да изградат здрави навики кои се од суштинско значење за нивната безбедност“, истакна Проданоски.

Тој нагласи дека безбедноста на децата е заедничка одговорност и дека општината активно работи на подобрување на условите во сообраќајот. Во таа насока, во тек е подготовка на техничка студија за регулација на сообраќајот во соработка со Технички факултет Битола, со цел детектирање на критичните точки и унапредување на безбедноста.
Паралелно, локалната самоуправа инвестира во инфраструктурата и планира воведување на современи системи како „Сејф сити“, со што се очекува Прилеп да стане значително побезбеден град за сите учесници во сообраќајот.
Проданоски упати благодарност до организаторите на настанот, особено до претседателот Горан Ангеловски, како и до сите институции, училишта и учесници кои придонеле за успешна реализација.
„Остануваме посветени на соработката со институциите, училиштата, наставниците и родителите, бидејќи само заедно можеме да изградиме одговорни генерации и сигурна иднина за нашите деца“, порача Проданоски.




