Божиновска: Енергетската безбедност денес се гради со диверзификација, партнерства и домашни капацитети

Божиновска: Енергетската безбедност денес се гради со диверзификација, партнерства и домашни капацитети

пред 5 дена

Во услови на продолжена геополитичка неизвесност, енергетската безбедност стана стратешки приоритет за сите земји. Како Северна Македонија ја приспособува својата енергетска политика на оваа нова реалност?

Геополитичките случувања, без разлика дали се во Европа, во регионот или во поширокиот свет, јасно покажуваат дека енергетската безбедност е прашање на економска стабилност, национална отпорност и регионална соработка. Затоа ја градиме политиката врз диверзификација на извори на енергија, регионално поврзување, зголемување на домашното производство и модернизација на инфраструктурата. Целта е систем што нема да зависи од еден извор, една рута или една технологија.

Податоците покажуваат дека енергетскиот систем веќе влегува во фаза на структурна промена. Според Годишниот извештај на РКЕ за 2025 година, вкупниот инсталиран капацитет на електроцентралите изнесува 3.162,5 MW, што е за 178,6 MW повеќе од 2024 година. Од тој капацитет, електроцентралите што користат обновливи извори на енергија учествуваат со околу 58%, односно со 1.842 MW. Фотонапонските електроцентрали достигнуваат 963 MW, хидроелектроцентралите 587 MW, ветерните електроцентрали 146 MW, малите хидроелектроцентрали 133 MW, биогасот 12 MW, а биомасата 1 MW. Во 2025 година о 2025 се издадени и седум лиценци за фотонапонски електроцентрали со складиште, со инсталирана моќност на батериските системи од 7,1 MW. Сето ова покажува дека обновливите извори веќе се доминантен дел од инсталираниот капацитет, но следната фаза мора да биде мрежа, складирање, балансирање и управување со системот.

Во последниот период имавте интензивна меѓународна агенда, од САД, Женева и Делфи до Виена и Адис Абеба. Дали енергетската дипломатија станува еден од клучните инструменти за економско и стратешко позиционирање на Северна Македонија?

Енергетиката денес е и економска, и безбедносна, и надворешнополитичка тема. Таа е основата за градење конкретни партнерства, пристап до нови извори на енергија, обезбедување финансиска и техничка поддршка, отворање простор за инвестиции и позиционирање на државата како сигурен и предвидлив партнер во регионот. За земја како Македонија, која е мала, увозно зависна и силно поврзана со регионалните енергетски текови, тоа е особено важно.

Во САД, во рамки на Стратешкиот дијалог, фокусот беше на природниот гас, диверзификацијата, инфраструктурата и можноста за подлабока соработка со американски компании и институции. Потпишаниот Меморандум за разбирање со САД за унапредување на безбедноста на снабдувањето со природен гас ја потврдува заедничката заложба за диверзификација на изворите и рутите, отпорност на системот, регионална поврзаност и интеграција на пазарите. Тоа е важен сигнал дека нашата енергетска политика се движи од зависност кон поголема флексибилност и избор.

Во Женева, на UNECE Resource Management Week 2026, акцентот беше ставен на одржливо управување со ресурсите, критични минерални суровини, меѓународни стандарди и потребата енергетската транзиција да се води со одлучни политики, инвестиции и координација. Ова е важно затоа што минералните суровини, геологијата и рударството веќе не се само домашни економски прашања, туку дел од пошироката дебата за индустриска отпорност, снабдувачки синџири и зелената транзиција.

На Делфи форумот во Грција ја претставивме улогата на земјата како потенцијален регионален енергетски јазол, преку интерконекторот со Грција, планираната соработка со Србија и пристапот до LNG-капацитети. Тоа позиционирање е важно затоа што Северна Македонија не треба да биде само крајна точка на енергетските текови, туку активен дел од регионалната инфраструктура, пазарното поврзување и новите рути на снабдување.

Во Виена разговаравме за економија, енергетска сигурност, регионална стабилност, инвестиции и технолошки трансфер со австриски институции и компании. Австрија е важен партнер не само како инвестициски и економски центар, туку и како земја со искуство во енергетска ефикасност, инфраструктурно планирање, зелени технологии и индустриска модернизација. Таквите контакти се важни затоа што транзицијата не може да се спроведе само со политички цели, туку бара капитал, знаење, технологија и долгорочни партнерства.

Во Адис Абеба, каде што темата беше праведната енергетска транзиција, преку видеообраќање беше пренесена пораката дека транзицијата мора да биде инклузивна и насочена кон луѓето, а не само кон инфраструктурата. Тоа е особено важно за земји како нашата, каде енергетската трансформација мора да оди паралелно со заштита на работните места, преквалификација, локален развој и вклучување на жените и младите во новите зелени можности.

Затоа енергетската дипломатија ја гледаме како инструмент што ги поврзува безбедноста, економијата и развојот. Преку овие меѓународни настапи испраќаме порака дека сакаме да бидеме дел од европската енергетска транзиција, но и дека сме сериозен, конструктивен и одговорен партнер во регионот, со јасна агенда за диверзификација, обновливи извори, енергетска ефикасност, критични минерални суровини и праведна транзиција.

Што конкретно значи Меморандумот со САД во областа на природниот гас?

Меморандумот е важен затоа што ја отвора можноста за поорганизирана институционална соработка, размена на експертиза и поддршка за проекти што ја намалуваат зависноста од ограничен број извори и рути. За држава без сопствени значајни извори на природен гас, инфраструктурното поврзување со регионот, пристапот до LNG-капацитети и усогласувањето со партнерите се прашања на долгорочна стабилност. Тоа значи поголема сигурност за економијата, подобра позиција во регионалните текови и можност за пофлексибилно снабдување.

Критичните минерални суровини стануваат важна тема во глобалната енергетска транзиција, и за таа цел обезбедивте поддршка од 5 милиони долари од САД за активности поврзани со антимон. Како ќе пристапи државата кон оваа тема?

Поддршката од 5 милиони долари е наменета за истражувања. Денес, критичните минерални суровини се новата стратешка тема на глобалната енергетика. Без нив нема батерии, обновливи извори на енергија, модерни електромрежи, дигитализација и индустрии со висока додадена вредност. Целта е и државата да располага со точни геолошки податоци за критичните материјали.

Се работи на законски решенија поврзани со обновливите извори на енергија. Кои проблеми треба да ги реши новата регулатива и што ќе значи таа за инвеститорите, мрежата и граѓаните?

Во изминатиот период имавме силен раст на капацитетите од обновливи извори, особено кај фотонапонските електроцентрали. Тоа е позитивен развој, но сега клучното прашање е како тие инвестиции да се интегрираат во стабилен, предвидлив и управлив електроенергетски систем. Новата регулаторна рамка треба да донесе појасни правила за инвеститорите, приклучувањето на мрежата, складирањето, балансирањето и одговорноста на сите учесници.

Податоците на РКЕ за 2025 година покажуваат колку е променета реалноста во секторот. Од вкупно 1.614 домашни производители на електрична енергија, 1.606 користат обновливи извори. Од нив, 177 користат повластена тарифа, 68 премија, а 1.361 електроцентрала не користи мерки за поддршка. Само во 2025 година во системот се приклучени нови електроцентрали со инсталиран капацитет од 178,57 MW, од кои 115,10 MW се фотонапонски електроцентрали. Тоа бара јасни технички услови, балансна одговорност, правила за складирање и поголема улога на агрегаторите.

Годишниот план за 2026 година опфаќа и 96 складишта на електрична енергија, со вкупна моќност од 2.027,198 MW и капацитет од 4.960,706 MWh. Од нив, 77 се интегрирани складишта во рамки на постојни или нови електроцентрали, а 19 се изолирани складишта. Батериските системи веќе не се дополнителна опција, туку составен дел од новата енергетска архитектура.

МЕПСО го подготвува Grid Masterplan, а паралелно се работи и на нови мрежни правила. Зошто ова е важно за инвеститорите и за интеграцијата на обновливите извори?

Мрежата е клучната точка меѓу инвестициските планови и реалната енергетска безбедност. Во изминатиот период интересот за нови капацитети од обновливи извори силно порасна, особено кај фотонапонските електроцентрали, но секој нов мегават мора да може безбедно да се приклучи, да се пренесе и да се балансира во системот. Затоа Grid Masterplan-от на МЕПСО не е само технички документ, туку основа за тоа каде, кога и под кои услови може да се развиваат нови енергетски проекти.

Целта на Master Plan-от е да овозможи забрзана, но сигурна интеграција на најмалку 1,7 GW обновливи извори до 2030 година, со паралелно планирање на инвестиции во преносната и дистрибутивната мрежа, како и во системи за складирање енергија. Тоа значи дека мора да се планира целиот систем, од далекуводи, трафостаници, приклучоци, дигитална контрола, балансна одговорност и можност за управување со променливо производство од сонце и ветер.

Овој процес е важен затоа што МЕПСО треба да добие јасна слика каде мрежата има капацитет, каде има тесни грла, каде се потребни нови 400 kV и 110 kV инвестиции, каде мора да се реконструира застарена инфраструктура и каде новите приклучоци можат да создадат ризик за стабилноста на системот. Во пракса, тоа значи дека нема да се гледа само дали постои интерес за изградба на електроцентрала, туку и дали мрежата може да ја прими таа енергија, под кои технички услови и со какви обврски за балансирање или складирање.

Ова се уредува со новите мрежни правила. МЕПСО веќе има обврска да ги објавува подлогите и плановите релевантни за развој на електропреносниот систем, а регулативата треба да обезбеди тие планови да станат реална основа за транспарентно и дисциплинирано приклучување.

Паметната мрежа е суштински услов за следната фаза на енергетската транзиција.

Покрај големите енергетски проекти, сѐ поголемо значење има и енергетската ефикасност. Што треба да донесе проектната единица и поддршката од Француската агенција за развој?

Енергетската ефикасност е најбрзиот и најисплатлив начин да се намали потрошувачката, да се заштедат средства и да се подобри квалитетот на живот. Министерството работи на создавање посилен систем за подготовка и реализација на проекти, бидејќи најголемиот предизвик не е само да се обезбедат средства, туку да има добро подготвени проекти, техничка документација, јасни приоритети, модели на финансирање, координација со институциите и систем за мерење на резултатите.

Во оваа насока е и процесот за енергетска обнова на јавните згради преку програмата PEEB Cool, со поддршка од Француската агенција за развој, AFD, и во координација со GIZ и надлежните институции. Почетно е идентификувана листа од 14 приоритетни јавни објекти, со вкупна површина од околу 100.000 квадратни метри и проценета вредност на реконструкција од околу 11 милиони евра. Ова треба да биде основа за пошироко инвестициско портфолио со амбиција да достигне најмалку 50 милиони евра за енергетска обнова на јавни згради.

За секој објект ќе треба да се исполнат најмалку два од трите критериуми: најмалку 40% заштеда на енергија, 40% намалување на емисиите на стакленички гасови или 40% заштеда на вода, а кај објектите без системи за ладење и најмалку 20% подобрување на термичкиот комфор. Ваквиот пристап е важен затоа што енергетската ефикасност не треба да остане само законска обврска или изолирана реконструкција на поединечни објекти, туку да стане организирана инвестициона програма со мерливи заштеди, пониски трошоци и подобри услови во јавниот сектор.

Паралелно се работи и на новиот Закон за геологија и на новиот Закон за рударство. Што треба суштински да променат овие два закона и каква рамка треба да воспостават за секторот?

Целта е да се постави појасна, посовремена и европски усогласена рамка за целиот сектор. Геолошките истражувања, податоците, концесиите, експлоатацијата, надзорот, заштитата на животната средина и одговорноста кон локалните заедници се дел од ист систем и мора да бидат регулирани на начин што обезбедува и развој и контрола.

Со новиот Закон за геологија се уредува основата на секторот, како што се истражувањето на минералните суровини, развојот на геолошкиот информациски систем, квалитетот и достапноста на податоците, стручната контрола и институционалното управување со геолошките истражувања. Предлог-законот за геологија е објавен на ЕНЕР. Со него се уредуваат мерките и активностите за спроведување на политиките за истражување на минерални суровини и развој на геолошкиот информациски систем.

Законот за рударство, пак, треба да ја уреди следната фаза, односно одржливата експлоатација и преработка на минералните суровини. Тука фокусот е на повисоки стандарди за дозволи, построг и поефикасен надзор, финансиски гаранции, планови за затворање на рудници, санација на просторот, безбедност при работа и поголема одговорност кон локалните заедници. Текстот и на овој закон е објавен на ЕНЕР, а со него се уредуваат поттикнувањето, унапредувањето и одржливата експлоатација и преработка на минералните суровини.

Овој законски пакет е важен и затоа што со него се заменува постојниот Закон за минерални суровини и се прави раздвојување на две различни, но поврзани области. Геологијата како основа за истражување, планирање и податоци, и рударството како област на експлоатација, производство, надзор и одговорност. Министерството веќе соопшти дека двата предлог-закони се дел од темелна институционална и стручно заснована реформа, со цел да се добијат подобри законски решенија во геологијата и рударството.

Со овие два закона сакаме да создадеме подобра инвестициска клима за сериозни инвеститори, но и посилна заштита на јавниот интерес. Минералните суровини се стратешки ресурс, но нивното користење мора да биде врз основа на јасни правила, стручни податоци, силен надзор, еколошка одговорност и почитување на локалните заедници. Само така Македонија може да развива современ рударски сектор кој е усогласен со европските стандарди и со очекувањата на граѓаните.

ПР

Текстот Божиновска: Енергетската безбедност денес се гради со диверзификација, партнерства и домашни капацитети е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top