Европската комисија денес предложи нови правила што треба да го олеснат прекуграничното патување низ Европа, особено со воз.
Комисијата објави три предлози што го поедноставуваат планирањето и резервацијата на регионални, меѓуградски и прекугранични патувања, особено за железнички патувања што вклучуваат повеќе превозници, и обезбедуваат подобра заштита за патниците во текот на нивното патување.
„Европејците ќе можат да планираат, споредуваат и купуваат билети за повеќе начини на транспорт само со еден клик“, рече Апостолос Цицикостас, комесар за одржлив транспорт и туризам.
Во моментов, споредувањето на сите достапни опции за патување и идентификувањето на најодржливите избори, особено за прекугранично патување, останува тешко за патниците од ЕУ, особено кога станува збор за железнички билети.
Многу патници се соочуваат со пречки при комбинирање на различни транспортни услуги. Резервирањето повеќекратни патувања со воз што вклучуваат билети од различни компании е многу често многу комплицирано, главно поради фрагментираните системи за резервација и силното присуство на одредени железнички компании на пазарот.
„Пронаоѓањето на најдобрата рута може да биде тешко, споредувањето на цените е фрустрирачко. Резервирањето прекугранични патувања е премногу комплицирано, а правата на патниците во случај на пропуштени врски се нејасни. Накратко, Европа има многу добра железничка инфраструктура во повеќето случаи, но сè уште немаме навистина беспрекорно искуство за патниците“, рече Цицикостас, додавајќи дека овие предлози треба да го променат тоа.
Комисијата предлага мерки за воспоставување систем за купување индивидуални билети за патувања со повеќе железнички превозници според принципот „едно патување, еден билет“. Ова ќе им овозможи на патниците да наоѓаат, споредуваат и купуваат услуги од повеќе даватели на транспорт со еден билет и една трансакција, на платформата по нивен избор.
Во случај на проблеми со патувањата опфатени со еден билет, на пример ако пропуштат врска, Комисијата, исто така, обезбедува подобрена заштита на потрошувачите, или со наоѓање алтернативи или со плаќање надомест или враќање на средства.
Конечната форма на трите регулативи предложени од Комисијата ќе ја одредат Советот на ЕУ и Европскиот парламент.
фото/Depositphotos
Текстот ЕУ воведува единствен билет за патување со воз: „Еден билет, едно патување“ е превземен од МАКФАКС.




