Албанија ги исполни преодните критериуми во првиот кластер во преговорите за пристапување со Европската Унија, што европската комесарка за проширување Марта Кос го оцени како голем чекор на патот кон членство.
„Албанија ги достигна преодните критериуми и ги поставивме конечните критериуми за основите, како што се независно судство и мерки против корупција. Ова е важна пресвртница бидејќи ѝ овозможува на Албанија да започне со затворање на поглавјата од преговорите“, напиша Кос на мрежата Икс.
Кос додаде дека сега започнува најтешката фаза од преговорите, подготовка за пристапување кон Унијата и понатамошно градење доверба со земјите-членки.
На вчерашната осма конференција за пристапување со Албанија во Брисел, беше потврдено дека земјата ги исполнила преодните критериуми во кластерот 1 – основи, кој ги вклучува поглавјата 23 (судство и фундаментални права) и 24 (правда, слобода и безбедност), функционирање на демократските институции и реформа на јавната администрација и економски критериуми, како и поглавјата 5 (јавни набавки), 18 (статистика) и 32 (финансиска контрола).
Албанија ги отвори сите кластери во текот на изминатите две години, а последниот беше отворен во ноември 2025 година.
Со вчерашниот чекор, „ЕУ и Албанија ќе бидат во позиција да започнат со затворање на поглавјата од преговорите. Следењето на напредокот во усогласувањето со законодавството на ЕУ и релевантните европски стандарди и нивната примена ќе продолжи во текот на целиот период на преговорите“, објави Советот на ЕУ.
ЕУ, исто така, постави критериуми за привремено затворање на поглавјата од кластер 1.
Заменик-министерот за европски прашања на Кипар, Марилена Рауна, која ја предводеше делегацијата на ЕУ на конференцијата, изјави дека ооваа „пресвртница“ ја покажува посветеноста на земјата за понатамошен напредок на патот кон членство во ЕУ и го означува почетокот на тешка фаза насочена кон имплементација, солидни и трајни резултати.
„Проширувањето е геополитичка неопходност за ЕУ и врвен приоритет за кипарското претседателство. Тоа е процес базиран на заслуги, во кој решителните реформи водат до конкретен напредок кон пристапување“, рече Рауна.
Текстот Кос: Албанија влегува во последната фаза од преговорите за пристапување во ЕУ е превземен од МАКФАКС.





