Туск предупредува по заканите на Медведев: Сите во НАТО конечно треба да почнат сериозно да ги сфаќаат овие зборови

Туск предупредува по заканите на Медведев: Сите во НАТО конечно треба да почнат сериозно да ги сфаќаат овие зборови

пред 4 часа

Полскиот премиер Доналд Туск упати сериозен апел до Европската Унија и НАТО итно и со крајна сериозност да ги сфатат зборовите и постапките на руските официјални лица, по новите брутални закани кои пристигнаа од поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев.

Реакцијата на Туск следува откако воен дрон погоди станбена зграда во романскиот град Галац, по што Медведев, кој сега ја извршува функцијата заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, порача дека ЕУ треба да се подготви за нови вакви инциденти.

„Ова ќе продолжи да се случува. Војната трае! Граѓаните на државите од Европската Унија, исто како и луѓето во земјите зафатени со војна, повеќе нема да можат мирно да спијат. Затоа замолчете. Ова е само почеток“, напиша Медведев на социјалните мрежи.

Туск: Заврши периодот на мирен сон за Унијата

Коментирајќи го инцидентот во Романија и изјавите од Москва, полскиот премиер предупреди дека руските провокации стануваат сè почести и поопасни.

„Полска, балтичките земји, а сега и Романија. Сè повеќе руски провокации. Вчера поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев изјави дека заврши периодот на мирен сон за граѓаните на Европската Унија. Сите во НАТО конечно треба да почнат сериозно да ги сфаќаат овие факти и овие зборови“, порача Туск преку својот официјален профил на социјалната мрежа Х.

На инцидентот остро реагираше и литванскиот министер за надворешни работи, Кестутис Будрис, кој истакна дека Алијансата мора одлучно да одговори преку зголемување на воениот и дипломатскиот притисок врз Москва.

Се разгледува активирање на Членот 4 од Договорот на НАТО

Поради падот на беспилотното летало врз цивилен објект во Галац, романската министерка за надворешни работи, Оана Цоиу, изјави дека овој чин ги исполнува сите услови за активирање на Членот 4 од Договорот на НАТО.

Овој член предвидува итни консултации меѓу сојузниците кога некоја од земјите членки смета дека се загрозени нејзината безбедност, територијален интегритет или политичка независност. Доколку Романија и официјално го покрене ова барање, тоа ќе значи свикување вонреден состанок на амбасадорите на НАТО во Брисел за дефинирање на заедничкиот одговор кон Русија.

Текстот Туск предупредува по заканите на Медведев: Сите во НАТО конечно треба да почнат сериозно да ги сфаќаат овие зборови е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top