Нови авиолинии од Полска кон Охрид: Николоски најави летови од Вроцлав и Катовице

Нови авиолинии од Полска кон Охрид: Николоски најави летови од Вроцлав и Катовице

пред 10 часа

Македонија добива две нови авиолинии кои ќе ја поврзат Полска со Охрид, со што се очекува дополнително зголемување на бројот на туристи и бизнис-патници во земјата.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски објави дека наскоро ќе започнат летови на релациите Вроцлав – Охрид и Катовице – Охрид.
Според Николоски, новите линии претставуваат значаен чекор за развојот на туризмот и економијата, бидејќи ќе овозможат поголем број посетители од Полска да пристигнуваат во Македонија, но и подобра поврзаност на земјата со европските пазари.

Тој истакна дека растот на македонските аеродроми од 31 процент е највисок во регионот, што, според него, е показател за зголемениот интерес за Македонија како туристичка и деловна дестинација.
„Овие две нови линии ќе значат многу повеќе патници, многу повеќе туристи кои доаѓаат во Македонија, многу повеќе луѓе кои ќе доаѓаат да прават бизнис во Македонија и дополнителна отвореност кон светот“, порача Николоски.

Паралелно со воведувањето на новите летови, во завршна фаза е и реконструкцијата и проширувањето на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“. Според најавите, за околу два месеци Охрид ќе добие целосно обновен и модерен аеродром кој ќе понуди подобри услови за патниците и поголем капацитет за опслужување на авиосообраќајот.

Николоски нагласи дека модернизацијата на аеродромот е проект кој со години бил неопходен за Охрид и за целиот туристички регион.

Со новите авиолинии и обновениот аеродром, се очекува дополнително зајакнување на туристичкиот потенцијал на Охрид и зголемување на бројот на странски посетители во наредниот период, особено од полскиот пазар кој во последните години бележи постојан раст.

Share
Scroll to Top