Цените на храната во Холандија би можеле да пораснат до 10 проценти во текот на следната година поради новите владини мерки и зголемувањето на трошоците за бизнис, предупреди холандската асоцијација на супермаркети CBL.
Во итно писмо до владата, асоцијацијата наведе дека планираниот данок на шеќер, патарините за камиони, даноците за енергија, зголемувањето на минималната плата и минималната плата за младите, како и дополнителните национални прописи што ги надминуваат барањата на Европската Унија, значително ќе ги зголемат трошоците, објавува „NL Times“.
Довербата на потрошувачите е сè уште на ниско ниво, додека клиентите сè повеќе обрнуваат внимание на цените, додава CBL.
Супермаркетите во пограничните области на Холандија се особено погодени, бидејќи даночните правила се разликуваат од оние во соседните земји.
„Сè почесто забележуваме дека жителите на пограничните региони купуваат намирници и други производи, како што е горивото, во Германија или Белгија“, се наведува во соопштението.
Супермаркетите предупредуваат дека новите мерки, заедно со зголемувањето на цените предизвикано од глобалните економски трендови и војната на Блискиот Исток, би можеле дополнително да ги зголемат трошоците за живот.
„Во зависност од производот, потребни се помеѓу четири и дванаесет месеци за зголемените трошоци да се одразат на малопродажните цени“, забележува CBL, пренесува Танјуг.
Текстот Нов удар врз џебовите на потрошувачите во ЕУ: цените на храната во Холандија скокнаа до 10 проценти е превземен од МАКФАКС.




