Русија можеби работи на технологија која би овозможила поставување нуклеарно оружје во Земјината орбита, предупреди командантот на германските вселенски сили, Михаел Траут. Во интервју за Политико, за време на Берлинскиот воздухопловен саем ИЛА, тој изјави дека не може да ја исклучи можноста Москва да развива таков капацитет.
„На самиот врв на ескалациската скала е сомнежот дека Русија можеби работи на технологија со која би поставила нуклеарна експлозивна направа во орбитата“, изјави Траут.
Последици за сателитите и глобалната инфраструктура
Според германскиот генерал, евентуална нуклеарна експлозија во вселената не би предизвикала класично уништување како на Земјата, но би можела да има сериозни последици за модерните општества кои зависат од сателитите.
Тој потсети на американскиот нуклеарен тест „Старфиш Прајм“ од 1962 година и предупреди дека денес сличен настан би можел да исфрли од употреба дури една третина од сите сателити во ниската Земјина орбита во период од неколку недели или месеци.
Последиците би ги погодиле комуникациите, навигациските системи, банкарскиот сектор, транспортот, временските прогнози и воените операции ширум светот.
Ризик од долгорочна блокада на делови од вселената
Траут предупреди и на можноста од таканаречениот Кеслеров ефект – сценарио во кое голем број оштетени сателити создаваат облак од отпад што предизвикува нови судири и дополнително зголемување на вселенскиот отпад.
„Може да се замисли дека одредени орбитални височини би станале неупотребливи со децении“, истакна германскиот генерал.
Германија ја засилува вселенската одбрана
Предупредувањето доаѓа во период кога Германија го става вселенскиот домен во центарот на својата одбранбена стратегија. Новата германска стратегија за вселенска безбедност предвидува Бундесверот да биде способен не само да го заштити пристапот до вселената за Германија и нејзините сојузници, туку и да ја ограничи способноста на потенцијалните противници да ги користат вселенските ресурси.
Според Траут, заканите во вселената значително се зголемиле во последните години – од попречување на ГПС-сигналите и ласерски напади до директни закани за сателитите.
Како пример го посочи попречувањето на ГПС-сигналите во Балтичкиот Регион, што веќе влијае врз цивилниот воздушен и поморски сообраќај.
Германија планира нови вселенски капацитети
Германската армија планира набавка на системи за електронско попречување, ласерски технологии и специјални инспекциски сателити. Во подолгорочен план се разгледува и развој на вселенски летала за заштита на сопствените сателити и надзор на потенцијално непријателски системи.
Паралелно, Берлин работи на воспоставување нова воена сателитска комуникациска мрежа САТКОМБВ 4, која треба да обезбеди сигурни комуникации за германските вооружени сили.
Траут нагласи дека системот нема да биде конкуренција на европската сателитска констелација ИРИС 2, туку дополнување на европските капацитети, со можност во иднина во проектот да се вклучат и други европски земји.
Според него, целта е што повеќе европски партнери да добијат пристап до заеднички вселенски комуникациски капацитети, особено државите кои немаат можност самостојно да развиваат сопствени сателитски констелации.
Текстот Германски генерал предупредува: Русија можеби развива технологија за поставување нуклеарно оружје во орбитата е превземен од МАКФАКС.




