Откако EA Sports и FIFA ја прекинаа долгогодишната соработка, FIFA склучи партнерство со Netflix.
Како резултат на тоа, официјалната содржина за Светското првенство во фудбал во 2026 година отсуствуваше од PC платформите и конзолите. Причините за партнерството FIFA-Netflix се доста нејасни, но извештајот на Sports Gamers Online фрла светлина врз целата ситуација.
Во него се наведува дека FIFA била во напредни преговори со издавачот 2K Games, кој требало да ја развие нивната нова фудбалска симулација. Преговорите стигнале до фаза каде што веќе разговарале за лиценци и потенцијални режими во самата игра.
2K Games наводно побарале лиценца за период од 10 години, а покрај правата за Светското првенство во фудбал, побарале и FIFPRO лиценца за фудбалерите, што би им отворило врата кон клупскиот фудбал.
Сепак, преговорите на крајот не успеале. Според неофицијални информации, FIFA сакала „побрзи и попрофитабилни можности“. Со други зборови: развојот на нова фудбалска игра за конзоли и PC би траел со години, па наместо да чекаат, решиле да направат мобилна игра во соработка со Netflix.
На крајот, брзо го составија и го објавија како „Launch Edition“, со забелешка дека играта ќе биде развиена и ажурирана со нова содржина подоцна. Тоа, се разбира, под услов некој воопшто да ја игра. Во спротивно, ќе заврши на гробиштата на „live service“ игри, исто како и многу други неуспеси.






