Извлечено и четвртото тело од потонатата едрилица кај Сплит, следува вадење на пловилото

Извлечено и четвртото тело од потонатата едрилица кај Сплит, следува вадење на пловилото

пред 6 часа

Надлежните служби во Хрватска продолжуваат со истрагата за тешката поморска несреќа во Сплитските Врата, во која загинаа четворица чешки државјани, додека паралелно се подготвува сложена операција за вадење на потонатата едрилица од морското дно.

Хрватските нуркачи денеска ја пронајдоа олупината на едрилицата на длабочина поголема од 50 метри, а во нејзината кабина било пронајдено и четвртото тело по кое се трагаше. Телото е извлечено, а надлежните институции продолжуваат со собирање докази и утврдување на околностите на несреќата.

Капетанот на Сплитската капетанија, Жељко Куштера, изјави дека вадењето на едрилицата претставува технички сложен зафат кој бара детални подготовки и координација со сите надлежни служби.

Несреќата се случи вчера околу 11:38 часот во Сплитските Врата, меѓу островите Шолта и Брач, кога се судрија катамаранот „Крило Еклипс“ на компанијата „Капетан Лука Крило“ и едрилица под француско знаме на која се наоѓале осум чешки државјани.

По судирот едрилицата потонала. Четири лица го загубија животот, а четворица биле спасени од морето и пренесени во Клиничкиот болнички центар во Сплит. Според досегашните информации, нивната состојба е стабилна и се надвор од животна опасност. Во моментот на несреќата на катамаранот имало 118 патници и седум членови на екипажот.

По несреќата се огласи и компанијата „Капетан Лука Крило“, која изрази сочувство до семејствата на загинатите и соопшти дека активно соработува со надлежните институции во истрагата.

Точните причини за судирот сè уште не се утврдени. Истрага спроведуваат полицијата, државното обвинителство и Агенцијата за истражување несреќи во воздушниот, поморскиот и железничкиот сообраќај, а според хрватските медиуми, во постапката би можеле да се вклучат и чешки истражители бидејќи жртвите се чешки државјани.

Текстот Извлечено и четвртото тело од потонатата едрилица кај Сплит, следува вадење на пловилото е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top