Toплотен бран во Европа, соборени рекорди: „Ова е само почеток“

Toплотен бран во Европа, соборени рекорди: „Ова е само почеток“

пред 4 часа

Супер топлотен бран за кој се очекува да ги сруши рекордите за температура ја погоди Западна Европа. Половина од Франција е под црвена тревога, железничките услуги во Белгија се прекинати, а спортските настани во Шпанија и Германија се откажани или одложени.

Франција под црвена тревога
Француските власти издадоа највисоко ниво на црвена тревога за 49 од 96 континентални департмани, повикувајќи 35 милиони луѓе да „преземат целосни мерки на претпазливост“, редовно да пијат вода, да избегнуваат напорни активности и директно изложување на сонце.

Портокалова тревога е издадена за уште 40 департмани. „Многу високи температури продолжуваат низ целата земја долго време“, соопшти националната метеоролошка служба Метео-Франс. „И дневните и ноќните температури ќе бидат исклучителни“.

Тие рекоа дека температурите низ западна и централна Франција веројатно ќе надминат 40°C од понеделник попладне – со очекувани 43°C во Бордо, 41°C во Лимож, 40°C во Тулуз и Тур и 39°C во Париз. Ова, велат метеоролозите, е само почеток. Се очекува температурите дополнително да се зголемат до крајот на неделата, а делови од земјата веројатно ќе надминат 45°C.

Историските рекорди се веќе срушени
Метео-Франс, исто така, објави дека ноќните температури се очекува да бидат далеку над нормалните за ова време од годината барем до петок, а минималните температури регистрирани во недела навечер во неколку градови веќе поставуваат историски рекорди.

Според прогнозерите, националниот индекс на топлина во Франција, кој е просек од дневните и ноќните максимални температури измерени на 30 метеоролошки станици низ целата земја, се очекува да го достигне највисокото ниво досега во понеделник или вторник.

Бројот на смртни случаи се зголемува
„Многумина ќе ги почувствуваат ефектите бидејќи телото е исцрпено од продолжено изложување на високи температури“, изјави француската министерка за здравство Стефани Рист за време на посетата на париска болница во понеделникот. Таа ги повика граѓаните да ги проверат своите постари и немоќни соседи.

Во југозападниот регион Жиронд, локалните власти изјавија дека смртта на три лица во неделата, на возраст меѓу 80 и 95 години, делумно е предизвикана од екстремната топлина. Службите за итни случаи соопштија дека 10 лица, вклучувајќи и 13-годишно момче, се удавиле во несреќи при пливање.

Повеќе од 800 училишта низ целата земја беа затворени во понеделникот, додека уште 1.800 ги реорганизираа часовите за учениците да можат да си одат дома порано. Една од десет регионални железнички линии околу Париз беше откажана поради ризик од оштетување на возовите и пругите.

Предупредувања и во Шпанија, Германија, Белгија и Велика Британија
Шпанија го прогласи својот прв официјален топлотен бран во годината, кој ќе трае од недела до среда, со температури што се очекува да достигнат 44°C во некои области. Во Мадрид, јавното гледање на натпреварот на шпанската фудбалска репрезентација на Светското првенство против Саудиска Арабија е откажано.

Националната метеоролошка служба „Aemet“ предупреди во неделата на „исклучително високи“ дневни и ноќни температури за ова време од годината. „Температурите ќе почнат да паѓаат во четврток, но топлината ќе остане интензивна“, додаде агенцијата.

Во Германија, организаторите го откажаа финалето на тенискиот турнир „Берлин Опен“ и ги евакуираа сите поради силни грмотевици, откако температурите во германската престолнина надминаа 30°C во текот на викендот.

Температурите во Белгија, кои веќе беа над 30°C во неделата, ќе бидат „највисоките досега забележани“, рече Дејвид Дехенаув, раководител на одделот за прогноза во метеоролошкиот институт „IRM“. Некои возови во шпицот се откажани за да се намали ризикот од дефекти.

Во Обединетото Кралство, Метеоролошката служба издаде предупредување за „екстремна топлина“ за поголемиот дел од јужна Англија и делови од Велс, кое ќе важи од понеделник до четврток. Се очекува температурите да достигнат 38°C. Сегашниот рекорд за јуни е 35,6°C, поставен во 1976 година.

Топлотен бран и на Балканот
Швајцарската метеоролошка служба предупреди за „силен топлотен бран“ што ќе донесе температури до 37°C. Издадени се предупредувања за пониските подрачја, а службата соопшти дека е неизвесно кога ќе заврши бранот.

Портокалови предупредувања се издадени за делови од Хрватска и Србија за следните неколку дена поради високите температури што би можеле да достигнат 35°C. Хрватските власти издадоа здравствени совети за справување со екстремна топлина, а Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора исто така се подготвуваат за високи температури.

Научниците велат дека како што Земјата продолжува да се затоплува, екстремните топлински појави, кои историски се ограничени на врвот на летото, ќе станат почести, поинтензивни и подолготрајни. Тие исто така велат дека ќе се случуваат порано и подоцна во годината.

Текстот Toплотен бран во Европа, соборени рекорди: „Ова е само почеток“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top