Германскиот канцелар Фридрих Мерц и неговите коалициски партнери во владата денес презентираа сеопфатен пакет реформи со цел да се врати забавената економија на земјата на вистинскиот пат.
Точно 34 мерки вклучуваат намалување на данокот на доход за семејствата со ниски и средни приходи, реформа на кревкиот пензиски систем, построги правила за боледување на вработените и намалување на бирократијата во земјата.
„Сите овие реформи имаат една цел: Се движиме кон иднината. Се зајакнуваме себеси за да можеме добро да живееме во овие нови времиња“, рече Мерц.
Коалицијата на Мерц од партии од десниот центар и левиот центар дојде на власт пред нешто повеќе од една година со ветувања за реформи и пресврт на забавувањето на германската економија, најголема во Европа.
Сепак, таа коалиција оттогаш стана непопуларна поради внатрешни несогласувања, а Мерк се обидува да ја ослободи својата владина коалиција од таа негативна репутација.
„Од самиот почеток, ја поставивме агендата со една цел на ум: Сакаме да ја вратиме Германија на вистинскиот пат. Сега е јасно дека тоа е можно“, рече канцеларот.
Германската економија се врати на скромен раст минатата година откако се намалуваше две години по ред. Владата очекува неимпресивен раст од 0,5 проценти оваа година, а тој процент е намален поради последиците од војната во Иран.
Текстот Германскиот канцелар презентираше пакет реформи за зајакнување на економијата: Намалување на даноците, построги правила за боледување е превземен од МАКФАКС.





