Приходите на потпретседателот на Соединетите Американски Држави Џеј Ди Венс и првата дама Меланија Трамп значително се зголемија во текот на 2025 година, покажуваат федералните финансиски извештаи, додека приходите на претседателот Доналд Трамп ги надминаа нивните заработки многу пати.
Венс заработил помеѓу 1,4 милиони и 7,4 милиони долари минатата година, вклучувајќи го и приходот од инвестиции, во споредба со помеѓу околу 213.000 и 1,3 милиони долари една година претходно, објавува „Њујорк тајмс“.
Поголемиот дел од неговите приходи доаѓаат од авторски права и аванси за автобиографијата „Hillbilly Elegy“, од која заработил помеѓу 1,2 и 5,2 милиони долари.
Финансискиот извештај, исто така, покажува дека тој го продал својот удел во инвестицискиот фонд „Rise of the Rest“, заработувајќи најмалку 100.000 долари.
Венс помогнал во отворањето инвестициски фонд во 2017 година со ко-основачот на AOL, Стив Кејс, во фирмата за ризичен капитал „Revolution“.
Извештајот не покажува никакви приходи за сопругата на Венс, Уша, која ја напушти својата адвокатска канцеларија за време на претседателската кампања во 2024 година.
Според истите податоци, во текот на 2025 година, Меланија Трамп остварила деловен приход помеѓу 17,3 и 18,2 милиони долари, додека претходната година тој изнесувал помалку од милион долари.
Поголемиот дел од нејзиниот приход доаѓа од договор за лиценцирање од 10,7 милиони долари поврзан со филмот „Меланија“, кој беше купен и промовиран од „Амазон“, според написите.
Текстот Приходите на Џеј Ди Венс и Меланија Трамп драстично се зголемиле во 2025 година е превземен од МАКФАКС.





