Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека се создава „некој нов воен сојуз“ и порача дека граѓаните треба да бидат прашани што мислат за таквите процеси.
Милановиќ за ова зборуваше во рамки на обраќањето за спорот околу учеството на хрватски војници на воената парада во Париз. Тој ја спомена и Коалицијата на подготвените, посочувајќи дека Србија ќе биде почесен гостин на парадата, иако не е членка на Европската Унија, НАТО или на оваа коалиција.
„Таму почесен гостин е Србија, против која немам ништо, луѓето се како нас, тоа се граѓани, да ги оставиме на мир. Но, тие не се ниту во Унијата, ниту во НАТО, ниту во Коалицијата на подготвените. А ние сме почестени што нè поканиле таму“, рече Милановиќ, пренесе „Индекс“.
Во продолжение на обраќањето, хрватскиот претседател изјави дека се создава „некој нов воен сојуз“.
„Се создава некој нов воен сојуз. Да ги прашаме граѓаните што мислат за тоа. Но, за да ги прашаме, мора да имаме нешто цврсто. А нема ништо, сето тоа е празно зборување“, рече Милановиќ.
Тој не прецизираше дали под „нов воен сојуз“ мисли на Коалицијата на подготвените или на друга иницијатива. Потоа се осврна на НАТО и на издвојувањето средства за украинското вооружување, наведувајќи дека следната година за таа намена треба да бидат исплатени 70 милијарди евра.
„Минатата година реков дека некои меѓу нас живеат во свет на фантазијата. Да кажам дека 70 милијарди евра, кои следната година ќе бидат исплатени за украинско вооружување, се погрешен пат и дека во тоа учествува и Хрватска со свои 120 или 130 милиони? Дали нашите луѓе го слушнаа тоа, дали знаат за тоа? Таа одлука ја донесе НАТО“, изјави Милановиќ.
Хрватскиот претседател оцени дека НАТО станал „финансиски сојуз“ и посочи дека средствата можеби би било подобро да се насочат кон цивилната инфраструктура во Украина.
„Можеби е подобро парите да им одат на Украинците за цивилна инфраструктура, бидејќи земјата исчезнува. Ќе кажам дека ова не е вистинскиот начин. Можеби би било подобро да се седне и да се преговара“, рече Милановиќ.
Текстот Милановиќ: Се создава нов воен сојуз, граѓаните треба да бидат прашани што мислат е превземен од МАКФАКС.






