Шпанскиот крал и премиерот ќе бидат на финалето, лидерот на Аргентина нема да отпатува поради суеверие

Шпанскиот крал и премиерот ќе бидат на финалето, лидерот на Аргентина нема да отпатува поради суеверие

пред 4 часа

Шпанскиот крал Фелипе Шести, премиерот Педро Санчез и членовите на кралското семејство ќе присуствуваат на финалето на Светското првенство во фудбал меѓу Шпанија и Аргентина, додека аргентинскиот претседател Хавиер Милеи нема да отпатува во САД, бидејќи верува дека неговиот ритуал ѝ носи среќа на репрезентацијата.

Финалето ќе се одигра в недела во Ист Радерфорд, во американската сојузна држава Њу Џерси, каде што Аргентина ќе ја брани светската титула против европскиот шампион Шпанија.

Според шпанската Кралска палата, кралот Фелипе Шести ќе го исполни ветувањето што им го дал на репрезентативците по натпреварот од групната фаза против Уругвај, дека повторно ќе ги бодри доколку стигнат до финалето.

Со него ќе патуваат кралицата Летиција, престолонаследничката Леонор и инфантата Софија.

Шпанската влада, пак, потврди дека на трибините ќе биде и премиерот Педро Санчез, кој ќе ја бодри „црвената фурија“ во обидот да ја освои втората светска титула, 16 години по првата.

Од аргентинска страна, претседателот Хавиер Милеи изјави дека нема да отпатува во Соединетите Американски Држави.

„Не, дефинитивно не“, одговорил Милеи на прашањето дали ќе биде на финалето.

Тој објаснил дека и претходните натпревари ги следел од дома и дека тоа е дел од негов ритуал за носење среќа на репрезентацијата. Рече дека и за финалето ќе ја носи истата јакна.

„Во четвртфиналето против Швајцарија ја соблеков јакната и тогаш примивме гол. Потоа повторно ја облеков и оттогаш не ја соблекувам“, раскажал Милеи.

Ваквите ритуали, познати во Аргентина како „кабалас“, се длабоко вкоренет дел од навивачката култура. Многумина веруваат дека повторувањето на исти постапки или носењето иста облека придонесува за победа на репрезентацијата.

Милеи додаде дека, доколку Аргентина ја освои титулата, претседателската палата Каса Росада ќе им биде ставена на располагање на светските шампиони за прослава.

Share
Scroll to Top