Во Старата скопска чаршија откриена спомен-плоча во чест на Адолф Циборовски

Во Старата скопска чаршија откриена спомен-плоча во чест на Адолф Циборовски

пред 3 часа

Во Старата скопска чаршија денеска беше откриена спомен-плоча во чест на истакнатиот полски урбанист Адолф Циборовски, како признание за неговиот значаен придонес во зачувувањето на едно од највредните културно-историски обележја на главниот град.

На свеченоста присуствуваа градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, внуката на Циборовски, како и претставници на Полската амбасада.

Ѓорѓиевски истакна дека по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, кога се креирала новата визија за обновата на Скопје, Адолф Циборовски бил меѓу меѓународните експерти кои силно се залагале Старата скопска чаршија да остане нераскинлив дел од градот.

„Во време кога постоеле идеи историското јадро да биде заменето со целосно модерни градби, тој ја бранел визијата дека Скопје мора да се развива, но истовремено да ги зачува својата историја, традиција и препознатливост“, порача Ѓорѓиевски.

Според него, поставувањето на спомен-плочата претставува мал, но значаен чин на благодарност кон човекот кој помогнал да се зачува духот на Старата скопска чаршија.

„Чаршијата е историја, култура, паметење и жив идентитет на Скопје. Наша обврска е да ја чуваме, да ја унапредуваме и да им ја оставиме на идните генерации како сведоштво за градот кој знае да се развива, но никогаш не ги заборава своите корени“, истакна градоначалникот.

Текстот Во Старата скопска чаршија откриена спомен-плоча во чест на Адолф Циборовски е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top