Нискиот водостој на Елба повторно ги откри „камењата на гладот“ со вековна порака: „Ако ме видиш, плачи“

Нискиот водостој на Елба повторно ги откри „камењата на гладот“ со вековна порака: „Ако ме видиш, плачи“

пред 3 часа

Исклучително нискиот водостој на реката Елба во германскиот град Дрезден повторно ги откри т.н. „камења на гладот“ (Hungersteine) – историски камени ознаки што со векови предупредувале на суши, лоши жетви, недостиг од храна и тешки времиња.

Водостојот на Елба во Дрезден се спуштил на околу 53 сантиметри, додека вообичаеното ниво изнесува околу 1,60 метри. Поради недостигот на вода, товарниот речен сообраќај на горниот тек на реката е речиси целосно запрен, а значително е ограничена и туристичката пловидба со познатите пароброди во Дрезден.

Со повлекувањето на водата повторно станале видливи повеќе карпи со врежани години и пораки што жителите ги оставале за време на големите суши во минатото. Овие камења го добиле името „камења на гладот“ бидејќи нивното појавување отсекогаш било поврзувано со периоди на сиромашни жетви, пресушени полиња, прекинат речен сообраќај, недостиг од храна и раст на цените.

Најпознатото од нив ја носи пораката на германски јазик: „Wenn du mich siehst, dann weine“, што во превод значи „Ако ме видиш, плачи“.

Историчарите наведуваат дека ова не било пророштво, туку предупредување засновано врз искуството на претходните генерации – кога водата ќе се повлече толку многу што каменот повторно ќе стане видлив, следуваат суша, слаби жетви и недостиг од храна.

Во околината на Дрезден се наоѓаат повеќе вакви историски обележја, на кои се врежани години на екстремни суши, меѓу кои 1778, 1893, 1904, 2003, 2015 и 2018 година.

Најпознатиот „камен на гладот“ се наоѓа кај чешкиот град Дечин, недалеку од германската граница. На него најстарата сè уште читлива година е 1616, додека постари записи од 1417 и 1473 година со текот на времето се избришани.

Слични камења што сведочат за екстремно ниски водостои постојат и во други делови на Централна Европа. Во Будимпешта, кај ридот Гелерт на Дунав, т.н. „Карпа на гладот“ станува видлива кога водостојот ќе падне под околу 95 сантиметри, а вакви обележја има и во словенечките места Зидани Мост на реката Сава и Марибор на Драва.

Нискиот водостој открива и други историски траги. Во Србија, кај Прахово, во 2022 година по повлекувањето на Дунав од речното корито повторно се појавија остатоци од повеќе од дваесет германски воени бродови потопени во 1944 година.

И ова лето нивото на Дунав во делови од регионот повторно се приближува до историски минимални вредности, што повторно го отвора прашањето какви сè сведоштва од минатото би можеле да излезат на површина доколку сушниот период продолжи.

Текстот Нискиот водостој на Елба повторно ги откри „камењата на гладот“ со вековна порака: „Ако ме видиш, плачи“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top