Италија прогласи црвен метеоаларм за 27 градови

Италија прогласи црвен метеоаларм за 27 градови

пред 4 часа

Италијанската влада денес издаде највисоко ниво на предупредување за топлина, црвен метеоаларм, за сите 27 поголеми градови во земјата што ги следи италијанското министерство за здравство, бидејќи температурите над 35 степени Целзиусови продолжуваат. Италијанската влада издава црвен метеоаларм кога има екстремна топлина во комбинација со висока влажност. Ова значи дека постојат акутни здравствени ризици не само за постарите лица и другите ризични групи, туку и за здравите луѓе и оние кои се физички активни.

Предупредувањето сега се однесува од север кон југ, од Болцано во Јужен Тирол до Палермо на медитеранскиот остров Сицилија. Денес се очекуваат температури над 35 степени на многу места. За градови како Фиренца во Тоскана и главниот град Рим, метеоролозите предвидуваат врвови од над 40 степени.

Постојаната топлина и суша влијаат и на реките и езерата во Италија. На најдолгата река во Италија, По, властите го мерат нивото на водата на сите станици што е значително пониско од вообичаеното за ова време од годината.

Прогнозите велат дека топлотниот бран ќе трае до средината на август. Сепак, се очекува температурите на северот утре малку да паднат. Според пресметките на Министерството за здравство, Болцано потоа ќе биде отстранет од листата на градови под црвена тревога.

Текстот Италија прогласи црвен метеоаларм за 27 градови е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top