Редок Ferrari Monza SP2, чија вредност се проценува на 3,7 милиони фунти, бил запленет во текот на викендот во Лондон. Автомобилот бил едно од 90 возила што полицијата ги одзела во акција против несовесното возење во населбите Кенсингтон, Челзи и Хајд Парк. Вкупната вредност на запленетите возила надминува осум милиони фунти, пишува BBC News.
Моделот Ferrari Monza SP2, произведен во само 499 примероци, во Велика Британија бил само еден ден пред полицијата да го запре.
Според информациите од полицијата, возачот го управувал автомобилот помалку од 30 минути. Утврдено е дека имал само привремена возачка дозвола и дека немал осигурување. Еден ваков модел претходно годинава бил продаден на аукција за 3,7 милиони фунти.
Полицијата запленила 15 возила на самото место, користејќи ги овластувањата што ѝ дозволуваат да заплени автомобил без претходно предупредување доколку се користи на начин со кој се загрозува јавниот ред.
Главниот инспектор Џеф Татман, кој ја предводел операцијата, ги објаснил причините за акцијата.
„Редовно добиваме поплаки од граѓаните поради опасното возење и модификациите на автомобилите кои го нарушуваат животот во соседството“, изјавил Татман и додал дека целта на операцијата е да се зголеми безбедноста на патиштата и да се обесхрабри ваквото однесување.
Во текот на акцијата биле извршени и други апсења. Еден маж бил уапсен под сомнение за прикривање украдена стока и перење пари, откако кај него биле пронајдени 19 банкарски картички на туѓи имиња и повеќе од 2.500 фунти во готовина.
Друг возач, кој бил запрен поради сомнение дека вози без осигурување, бил уапсен под сомнение за поседување дрога со намера за продажба.
Биле приведени уште две лица – едното поради однесување со кое предизвикувало вознемиреност, а другото поради кршење на имиграциските прописи.
Од Метрополитенската полиција соопштиле дека, според бројот и вредноста на запленетите возила, ова е најголемата ваква заплена во последните пет години, откако се спроведува операцијата.
Фото: „Метполис“
Текстот Во Лондон запленети 90 луксузни автомобили, меѓу нив и „ферари“ вреден 3,7 милиони фунти е превземен од МАКФАКС.





