„Што можеме ние Европејците конкретно да направиме за да ви помогнеме да убиете повеќе Руси? Секако, повеќе руски војници?“
Ова прашање му го постави на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во Белград во саботата, 8 август, новинарот на германскиот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ), Михаел Мартенс, на заедничката прес-конференција со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Снимката од прашањето на Мартенс во текот на викендот брзо се прошири на социјалните мрежи. Додека некои го пофалија дописникот на ФАЗ за „јасните зборови“, други го обвинија за говор на омраза или за пристрасност која не му доликува на новинар, пренесува „Б92“, повикувајќи се на „Дојче веле“.
Цитат од Черчил
Мартенс по критиките на својот профил на мрежата „Икс“ напиша дека прашањето било алузија на цитат од британскиот политичар Винстон Черчил.
Тогашниот британски премиер Черчил, наводно, одлуката за поддршка на југословенското движење на отпорот во Втората светска војна ја свел на воено прашање: „Кој убива најмногу Германци и како можеме да им помогнеме да убијат уште повеќе?“
Руската државна новинска агенција ТАСС ја пренесе изјавата на портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, која, повикувајќи се на фактот дека дедото на Мартенс бил член на командниот штаб на Вермахтот, дописникот на ФАЗ го нарече „наследен нацист“, пренесува Евангелистичката прес-служба (ЕПД).
ФАЗ се огради од прашањето
„Велт“, единствениот од угледните германски медиуми што ја пренесе веста на агенцијата, каде се наведува дека „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ изразил жалење поради прашањето на својот дописник.
Портпаролката на издавачката куќа ФАЗ, одговарајќи на прашањето на ЕПД, изјавила дека прашањето било „несреќно формулирано“.
Мартенс, како што е наведено, се осврнал на актуелните дебати меѓу воените експерти кои се занимаваат со прашањето „како руската армија да се доведе во кадровски тешкотии за Русија да биде поттикната на мировни преговори“.
Портпаролката на издавачот нагласила дека ставот на ФАЗ не е дека треба да се убие што е можно поголем број руски војници.
„ФАЗ се залага за меѓународното право загарантираното право на Украина на самоодбрана и за што поскоро завршување на руската агресорска војна“, изјавила таа.
Портпаролката навела дека по оваа прес-конференција следеле клевети и закани упатени кон Мартенс.
„Тоа е неприфатливо. Слободата на медиумите подразбира и право да се поставуваат прашања, особено на прес-конференции.“
ФАЗ, како што е наведено, на заканите кон своите вработени ќе одговори со правни средства, пренесува „Велт“.
„Не е човек што ги мрази Русите“
„Берлинер цајтунг“ во својот коментар прашува: „Како е можно еден германски новинар и долгогодишен уредник на весникот ‘Франкфуртер алгемајне цајтунг’ пред целата јавност да му постави такво прашање на украинскиот претседател?“
„Дали тоа има врска со фактот што неговиот дедо, воен судија и офицер во Врховната команда на Вермахтот, повеќепати седел на ручек со Адолф Хитлер? Несварена семејна историја, задушувачка наследна вина, која конечно и неочекувано добива можност да се ослободи преку самопрогласен праведнички гнев поради руската агресорска војна?“, пишува Томас Фасбендер за BZ.
„Веројатно тој не ги мрази Русите, тоа никако не би му го припишал. Станува збор за нешто сосема друго. Внукот, роден во 1973 година, знае: како и илјадници други, неговиот дедо бил премногу благо казнет, всушност воопшто не бил казнет. Во Сојузна Република Германија станал претседател на сенат. Колку смртни пресуди изрекол мојот дедо против заробените дезертери, не знам, напишал внукот пред две години“, пишува авторот.
Според него, погледот на Мартенс кон минатото е поврзан со чувство на неправедна благост и со уверување дека тоа не смее да се повтори.
„Повикот за казна за Русија и Русите ја задоволува таа неисполнета потреба за искупување на сопствената, колективната и, во случајот на Мартенс, семејната вина. Фрустрацијата поради правдата од сопствената, германска историја се проектира врз друга, руската историја“, пишува BZ.
„Мартенс не е изолиран случај“
„Мартенс не е изолиран случај“, смета авторот и продолжува:
„Нашата катастрофа е присутна, без оглед на тоа колку е потисната или релативизирана. Противотровот е самопрогласената, активирачка морална надмоќ, како и бесот и огорченоста поради гревовите на трети страни. Тие нè извлекуваат од маѓепсаниот круг на сопствениот срам, потиснатата вина.“
„Со својата агресорска војна која го крши меѓународното право, Голијат против Давид, груба и безобѕирна, Русија обезбедува совршен повод. Војната на Путин ветува ослободување преку огорченост.“
„Со тоа што Русија во толкава мера станува злосторник, таа повикува на казна која им била поштедена на нашите предци. Кога Германците на интернет извикуваат ‘Путин во Хаг’, бараат репарации и децениска изолација, тие го следат (и) овој рефлекс. Уште повеќе кога сакаат многу мртви Руси, дури и ако тоа се ‘само’ руски војници.“
„Русија треба да страда, и за сопствената вина, но и за нашата неискупена вина во пакет. Можеби со поинаков речник, но не помалку остро, тоа го бараат и ‘јастребите’ меѓу новинарите и политичарите. Да се биде еднаш на вистинската страна на историјата – тоа го подигнува расположението.“
„По повеќе од осум децении, Путин ја рехабилитира моралната симетрија. Само да не му текне некому идејата дека би требало да му бидеме благодарни за неговата војна“, пишува „Берлинер цајтунг“.
Текстот Прашањето на германскиoт новинар до Зеленски предизвика бура од реакции е превземен од МАКФАКС.





