Мицкоски: За трипати пократок период имаме 120 милиони евра поголем раст на БДП

Мицкоски: За трипати пократок период имаме 120 милиони евра поголем раст на БДП

пред 3 часа

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска, одговарајќи на новинарско прашање каква е споредбата на растот на јавниот долг и БДП во двата периоди — на владеењето на Владата на СДСМ и ДУИ и Владата на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ  истакна дека за трипати пократок период има 120 милиони евра поголем раст на БДП.

„Кога водите еден процес, и во политиката мора да правите компаративна анализа. Ако не правите компаративна анализа, тогаш лутате во магла и не знаете каде ќе стигнете. Јас се обидов вчера да направам една компаративна анализа на неколку клучни параметри во економијата: еден од нив е јавниот долг, а втор е БДП. Со БДП можете да ја оцените силината на една држава, а состојбата на бруто-јавниот долг е практично колку сте позајмиле и вистински сте ги вложиле тие пари за да генерирате подобри економски резултати. Што е заклучокот? Ако се спореди периодот на претходната влада на СДСМ и ДУИ со периодот на оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, тогаш ќе дојдеме до следните параметри: за трипати пократок период БДП пораснал за 120 милиони евра повеќе. Значи, за 120 милиони евра БДП за овие две години е поголем отколку за претходните шест години од претходната влада“, рече Мицкоски.

Тој, исто така, кажа дека јавниот долг е зголемен за нешто помалку од трипати.

„Притоа, јавниот долг е зголемен за нешто помалку од трипати. За нешто помалку зголемен јавен долг, а за трипати пократок период имаме зголемен БДП. Со други зборови — три спрема еден. Отприлика таков е и односот на рејтинзите на политичките партии, но такви се и резултатите во економијата. Дали е тоа доволно? Не. Дали треба уште да се работи? Да. Но, имајќи предвид дека до пред три години бевме убедливо на дното во регионот, сега сме на прво или второ место кога станува збор за овие параметри“, рече Мицкоски.

Текстот Мицкоски: За трипати пократок период имаме 120 милиони евра поголем раст на БДП е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top