Холандија, Полска, Шпанија и Шведска денес побараа Европската Унија да ја преиспита можноста за користење на замрзнатите руски средства за финансирање на Украина, проценувајќи дека договорениот заем од 90 милијарди евра нема да биде доволен за потребите на Киев.
Министрите за надворешни работи на четирите земји, во писмо до шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, и министерката за надворешни работи на Ирска, Хелен Мекенти, чија земја претседава со ЕУ, побараа прашањето да се дискутира на состанокот на шефовите на дипломатиите на ЕУ на 1 и 2 септември во Ирска.
„На Украина ѝ е потребна поголема финансиска поддршка, и краткорочна и долгорочна“, наведоа тие во писмото.
Земјите од ЕУ замрзнаа околу 210 милијарди евра средства на руската централна банка по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Околу 185 милијарди евра од овие средства се чуваат во централниот депозитар за хартии од вредност „Еуроклеар“ со седиште во Брисел.
Минатата година, Европската комисија предложи да се искористат овие средства за да се обезбеди заем до 165 милијарди евра за Украина, кој Киев ќе го врати дури откако Русија ќе ги плати воените репарации.
Планот беше напуштен по противењето на Белгија, која предупреди дека нема доволна правна заштита за да се спречи да ги сноси последиците од потенцијалните руски тужби и барања за отштета.
Наместо тоа, ЕУ се согласи во декември за заем од 90 милијарди евра за Украина за 2026 и 2027 година, обезбеден од буџетот на ЕУ.
Четирите земји сега бараат од експертите на Европската комисија, во соработка со земјите-членки, да истражат нови можности за користење на замрзнатите руски средства во корист на Украина. Не е јасно дали новиот обид ќе доведе до договор, бидејќи Белгија досега не го променила својот став.
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски изјави дека би било подобро средствата да се искористат за одбрана на Украина отколку да се чека да заврши војната, а потоа да се искористат за обнова.
„Русија нема да ги добие овие пари назад додека не исплати отштета на Украина, па затоа е подобро да се искористат за да се запре агресијата, односно да се одбрани Украина“, рече Сикорски.
фото/Depositphotos
Текстот Четири земји од ЕУ бараат нови начини за користење на замрзнатите руски средства за Украина е превземен од МАКФАКС.




