Американската војска изврши нови напади врз цели на Исламската револуционерна гарда во Иран. Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) соопшти дека нападите се одговор на недамнешните ирански обиди за напади врз трговски бродови во Ормускиот Теснец и врз американски војници во регионот.
ЦЕНТКОМ соопшти дека американските сили ги почнале нападите во 12 часот по источноамериканско време. Иранската државна телевизија извести за експлозии на островот Кешм, додека провладината агенција „Нур њуз“ објави информации за експлозии во пристанишните градови Бандар Абас и Чабахар.
За нападите се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп, кој изјави дека САД напаѓаат ирански цели во близина на Ормускиот Теснец и дека станува збор за „големи и силни“ напади како одмазда за иранскиот обид за поставување поморски мини и за истрелувањето осум проектили кон американска воена база во Јордан.
Трамп предупреди дека доколку Иран возврати, ќе следува уште посилен американски напад.
Новите напади следуваат по директниот судир меѓу САД и Иран ноќта меѓу неделата и понеделникот, прв по повеќе од еден месец. Иран тогаш соопшти дека истрелал проектили кон американски воени цели во Јордан и Обединетите Арапски Емирати како одмазда за американски напад врз ирански ракетни лансери на островот Ларак.
Трамп претходно изјави дека американските акции во Иран ќе бидат „многу ограничени“, но нагласи дека тоа не значи оти САД нема повторно да нападнат.
Текстот САД извршија нови напади врз Иран е превземен од МАКФАКС.





