Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови одговори на Институтот за истражување на злосторствата против човештвото и меѓународното право при Универзитетот во Сараево, кој побара итно разгледување на можностите за постапување во врска со предавањето на посмртните останки на Ратко Младиќ и јавно најавените највисоки државни и воени почести во Србија.
Секретарот на Механизмот, Абубакар М. Тамбаду, навел дека ја разбира чувствителноста на прашањето и загриженоста дека посмртните останки на Младиќ би можеле да бидат користени за политички цели.
Сепак, Механизмот посочил дека според релевантното меѓународно право и стандардите за човекови права, телото на починат затвореник треба да му биде предадено на неговото семејство што е можно поскоро. Одлуката посмртните останки на Младиќ да му бидат предадени на семејството била донесена во согласност со таа обврска и со воспоставената практика на Механизмот.
Повикувајќи се на ставот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, секретарот на Механизмот изразил солидарност со жртвите, преживеаните и нивните семејства и ја осудил глорификацијата на лица осудени од меѓународни судови за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид.
Механизмот, исто така, смета дека по предавањето на посмртните останки на семејството нема надлежност во однос на местото на погребување или понатамошното постапување со нив.
Од Институтот во Сараево нагласуваат дека мора да се направи разлика меѓу правото на семејството да го погреба починатиот и одлуката на државните институции да му оддадат државни и воени почести на лице правосилно осудено за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.
Текстот Хаг: Ја осудуваме глорификацијата на осудените за геноцид е превземен од МАКФАКС.




