(Видео) Големо невреме во Шпанија, еден загинат; летовите се откажани

(Видео) Големо невреме во Шпанија, еден загинат; летовите се откажани

пред 7 часа

Едно лице загина во силното невреме што ги зафати областите околу Барселона и Валенсија на шпанското средоземноморско крајбрежје, предизвикувајќи поплави и прекини во сообраќајот.

Според извештаите на пожарникарите, еден маж бил однесен од водата заедно со својот автомобил додека се обидувал да помине преку поток, кој вообичаено е мал, во близина на Оливеља, југозападно од Барселона.

Спасувачките екипи го пронашле неговото тело неколку часа подоцна. Шпанскиот весник „Ла Вангардија“ објави дека жртвата била британски државјанин кој живеел во таа област.

Во средата, во областа на Барселона за само неколку часа наврнаа и до 80 литри дожд на квадратен метар. Уште пообилни врнежи ја погодија Валенсија и околните подрачја, каде што беа регистрирани и до 100 литри дожд на квадратен метар.

Беа откажани летови, а локалниот сообраќај беше попречен и во Барселона и во Валенсија. Патиштата во североисточна Шпанија се претворија во буици, а беа поплавени и подруми.

Налетите на ветерот достигнаа брзина и до 100 километри на час, корнејќи бројни дрвја. Поради невремето беше откажан и фудбалски натпревар од првата лига. Исто така, поплавени беа патишта во регионот Мурсија. Во октомври 2024 година, регионот Валенсија беше погоден од едни од најтешките поплави во шпанската историја, во кои загинаа најмалку 229 лица, а беше причинета штета во вредност од милијарди евра.

Шпанската национална метеоролошка агенција, AEMET, предупреди дека затоплувањето на Средоземното Море – поврзано со климатските промени – би можело да доведе до почести појави на екстремни врнежи.

Текстот (Видео) Големо невреме во Шпанија, еден загинат; летовите се откажани е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top