Николоски најави изградба на експресен пат од Радовиш до Ново Село со средства на ЈПДП

Николоски најави изградба на експресен пат од Радовиш до Ново Село со средства на ЈПДП

пред 2 часа

Започна постапката за подготовка на документацијата за изградба на нов експресен пат од Радовиш, преку Струмица и Ново Село, до границата со Бугарија, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Во тек е избор на проектантска, односно консултантска куќа која треба да ја изработи целокупната документација потребна за реализација на проектот. Таа ќе ги опфати претпроектната документација, еколошките и социјалните студии, како и физибилити-студијата.

„Нашата идеја е да се изгради експресен пат од Радовиш, преку Струмица, па сѐ до Ново Село и границата со Бугарија. На тој начин ќе добиеме уште едно автопатско или експресно поврзување со Република Бугарија“, изјави Николоски.

Рокот за поднесување понуди во постапката е 8 октомври, по што треба да биде избрана компанијата што ќе ја подготвува документацијата. Предвидено е студиите да бидат завршени во рок од шест до девет месеци, а потоа да биде распишан тендер за избор на изведувач на градежните работи.

Проектот треба да се финансира со сопствени средства на Јавното претпријатие за државни патишта. Според Николоски, претпријатието се наоѓа во добра финансиска состојба и има доволно приливи за да може да ја финансира изградбата.

Тој посочи дека почетокот на работите ќе зависи од успешното спроведување на постапките за избор на консултант и изведувач. Според најавената динамика, доколку нема застои, градежните активности на терен би можеле да започнат до есента 2027 година.

„Нема да одиме само до Струмица, туку до самата граница со Бугарија“, нагласи Николоски.

Изградбата на експресниот пат треба да овозможи побрзо и побезбедно поврзување на Радовиш и Струмица со Ново Село и со граничниот премин кон Бугарија, како и подобра патна комуникација за целиот југоисточен регион.

При посетата на Радовиш, Николоски информираше и дека во општината се инвестираат повеќе од 250 милиони денари за подобрување на инфраструктурата и поттикнување на локалниот развој.

Тој порача дека Владата и Министерството се подготвени да поддржат дополнителни локални проекти доколку Општина Радовиш располага со готова проектна документација.

Во завршна фаза се наоѓа и изградбата на новиот Градски пазар во Радовиш. Објектот, чија вредност изнесува два милиона евра, се финансира од општинскиот буџет и се очекува да биде пуштен во употреба за околу еден месец.

Share
Scroll to Top