Унгарскиот парламент изгласа укинување на пратеничкиот имунитет на тројца пратеници, меѓу кои и премиерот Петер Маѓар, додека обвинителството продолжува со кривичните истраги против нив.
Обвинителите го истражуваат Маѓар под сомнение за кражба, откако тој наводно му го одзел мобилниот телефон на еден маж за време на расправија во ноќен клуб и го фрлил во Дунав во јуни 2024 година – речиси две години пред неговата партија да оствари убедлива изборна победа и да го смени тогашниот премиер Виктор Орбан.
Во ноќен клуб во Будимпешта, еден маж го снимал Маѓар. Изнервиран од тоа, Маѓар му го зел мобилниот телефон на мажот. По расправијата, обезбедувањето го испратило Маѓар надвор од клубот, а обвинителите тврдат дека тој потоа го фрлил црниот предмет во реката. Телефонот, со вредност од над 100.000 форинти (приближно 250 евра), бил пронајден и вратен на сопственикот во исправна состојба.
Маѓар ги отфрли тврдењата дека неговите постапки претставуваат кражба и го опиша случајот како политички мотивиран. Тој исто така го критикуваше обвинителството што бара укинување на неговиот имунитет во исто време кога се бара и за двајца поранешни министри од владата на Орбан, кои се осомничени за проневера на десетици милиони долари јавни средства и за примање мито во вредност од повеќе милиони долари.
Пред гласањето, Маѓар им се обрати на пратениците: „Не сум извршил кривично дело; ја преземам одговорноста за сите мои постапки“. „Оние што немаат што да кријат, настапуваат отворено“, рече тој, потсетувајќи на неговото претходно барање неговата партија да гласа „за“ укинување на неговиот имунитет.
Пратеничкиот имунитет – вообичаена практика во европските демократии – служи за заштита на пратениците од политички прогон, овозможувајќи им да ги извршуваат своите должности и слободно да ги изразуваат своите ставови без страв од апсење или кривично гонење од страна на властите. Владата на Орбан претходно се обиде да го укине имунитетот на Маѓар додека тој беше пратеник во Европскиот парламент, но Европскиот парламент во неколку наврати го одби тоа барање.
Текстот Укинат имунитетот на Петер Маѓар е превземен од МАКФАКС.





