Мерц: Русија ќе ја плати цената ако продолжи со војната

Мерц: Русија ќе ја плати цената ако продолжи со војната

пред 2 часа

Русија покажа дека не е подготвена за сериозни разговори, изјави денеска германскиот канцелар Фридрих Мерц, откако рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров упати критики за содржината на неговата средба со германскиот колега, Јохан Вадефул.

„Дополнителната оценка на таа средба од страна на Русија покажа дека во овој момент очигледно воопшто не е заинтересирана за сериозни разговори. Затоа ќе направиме сè што е во наша моќ за да продолжиме да ѝ помагаме на Украина, и тоа не само воено, туку и политички, финансиски и економски“, рече Мерц.

Германскиот канцелар изјави дека Русија нема да победи во војната против Украина и дека ќе претрпи голема штета, вклучително и за сопствената економија.

„Русија ќе ја плати цената ако продолжи со војната“, рече Мерц.

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул во саботата се сретна со Лавров, што беше прва средба на министрите за надворешни работи на двете земји од почетокот на војната во Украина.

По средбата, Лавров оцени дека во ставовите што Вадефул ги изнел за време на разговорот „немало ништо ново“.

„Вадефул ги извади своите белешки и прочита текст кој целосно го повторува она што Германија секојдневно јавно и официјално го соопштува преку своите лидери. Му укажав дека за мене таму немаше ништо ново. Искрено му реков дека мислев оти има да каже нешто интересно и невообичаено. Можеа тоа да го направат и преку телефонски разговор и едноставно да ни кажат да ги прочитаме нивните официјални соопштенија“, рече Лавров по средбата.

Вадефул потоа изјави дека ја побарал средбата за да му пренесе на Лавров дека Германија е подготвена да се брани, откако на германскиот аеродром Лајпциг/Хале беа откриени дронови со експлозив, за што Берлин ја обвини Москва.

Текстот Мерц: Русија ќе ја плати цената ако продолжи со војната е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top