Италијанската актерка Моника Белучи, која на 30 септември наполни 62 години, во интервју за октомвриското издание на „Harper’s Bazaar España“ отворено зборува за стареењето, убавината и искуството што ѝ го носат годините.
„Или стареете и го прифаќате процесот со достоинство, или умирате. Јас многу повеќе би сакала да остарам“, вели Белучи. За неа, стареењето значи дека човек има среќа да биде жив и да има иднина. „Зрелоста носи прекрасен подарок: способност да се дистанцирате“, додава актерката.
Тоа животно искуство, според Белучи, ѝ помогнало и во новата филмска улога. Во „The Birthday Party“ („Histoires de la nuit“) ја игра Кристина, повлечена сликарка која стравува дека жените стануваат невидливи со годините. Белучи вели дека не би можела уверливо да го одигра ликот кога имала 30 или 40 години: за да му даде тежина на таков внатрешен немир, смета таа, потребно е и самата да имаш проживеано многу.

Актерката, која со поранешниот сопруг Венсан Касел ги има ќерките Дева и Леони, вели дека денес убавината за неа има пошироко значење. Ја наоѓа во богат внатрешен живот, во нешто што ја инспирира, во растењето на децата, пријателите, семејството и едноставните мигови како поглед кон морето. Љубовта ја нарекува свој најголем луксуз.

За насловните страници на списанието Белучи позираше во креации на „Валентино“ и „Долче и Габана“, фотографирана од Росио Рамос. Разговорот го заокружува со мислата дека животот постојано се менува: „Горда сум на себе и на тоа што сум жена“.







