Тајм: Трамп го прашал „Грок“ како Венецуелците би реагирале ако САД го уапсат Мадуро

Тајм: Трамп го прашал „Грок“ како Венецуелците би реагирале ако САД го уапсат Мадуро

пред 3 часа

Американскиот претседател Доналд Трамп го прашал „Грок“, четботот во сопственост на Илон Маск, како жителите на Венецуела би реагирале доколку САД го уапсат тогашниот претседател Николас Мадуро. Тоа се случило неколку недели пред Трамп да нареди операција за негово приведување, објави магазинот „Тајм“.

Вештачката интелигенција наводно му одговорила на Трамп дека многу Венецуелци веројатно би го прославиле падот на Мадуро.

Трамп во декември 2025 година приватно се сретнал со Маск во Овалната соба, каде што со часови му поставувал прашања на Grok за своето претседателствување и политичкото наследство. „Тајм“ ја објави информацијата повикувајќи се на функционер кој присуствувал на средбата.

Едно од прашањата што Трамп му ги поставил на четботот било како Венецуелците би реагирале доколку САД го уапсат Мадуро. Според функционерот цитиран од „Тајм“, Grok го опишал Мадуро како репресивен и многу непопуларен диктатор и проценил дека многу Венецуелци би можеле да го прослават неговиот пад.

Операцијата во Каракас

Еден месец подоцна, Трамп наредил операција за приведување на Мадуро. Американските сили го приведоа него и неговата сопруга Силија Флорес во воена операција во Каракас на 3 јануари, по што беа префрлени во Соединетите Американски Држави. „Тајм“ го опишува нападот врз Каракас и апсењето на Мадуро како еден од клучните настани на почетокот од втората година од вториот мандат на Трамп.

Мадуро беше однесен во Њујорк, каде што се соочува со федерални обвиненија поврзани со трговија со дрога, кои тој ги отфрла.

Откако по операцијата дел од Венецуелците излегоа на улиците да го прослават неговото приведување, Трамп, според функционери цитирани од „Тајм“, заклучил дека Грок е „генијален“.

Текстот Тајм: Трамп го прашал „Грок“ како Венецуелците би реагирале ако САД го уапсат Мадуро е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top