Научници открија 11.742 вируси во длабочините на Тихиот Океан

Научници открија 11.742 вируси во длабочините на Тихиот Океан

пред 4 часа

Научници открија 11.742 различни вируси во седиментите на дното на Тихиот Океан, при што повеќе од 99 отсто од идентификуваните вирусни групи досега не биле застапени во научните бази на податоци.

Откритието е направено во зоната Кларион-Клипертон, огромно подрачје на длабокото морско дно познато по богатите резерви на полиметални нодули. Резултатите од истражувањето се објавени во научното списание „Нејчр комуникејшнс“.

Истражувањето го спровеле Бовен Хоу и Лилан Жанг од Универзитетот во Чонгкинг и Донг Сун од Вториот институт за океанографија во Кина.

Примероците од седиментите биле собрани во текот на 2023 и 2024 година. Научниците од нив издвоиле ДНК и РНК, а со секвенционирање создале каталог на вирусите присутни во овој дел од океанското дно.

Резултатите покажале исклучително голема разновидност. Повеќе од 99 отсто од идентификуваните вирусни кластери не биле присутни во постојните референтни бази, а вирусите покажале мало преклопување со оние пронајдени во други длабокоморски живеалишта.

Голем дел од вирусите се поврзуваат со бактерии и археи кои имаат важна улога во кружењето на јаглеродот, азотот, фосфорот, сулфурот и металите во екосистемот.

Истражувачите утврдиле и дека вирусите носат помошни метаболички гени, со кои потенцијално можат да влијаат врз метаболизмот и преживувањето на организмите што ги инфицираат. Анализите укажуваат дека размената на гени меѓу вирусите и нивните домаќини може да им помогне на микроорганизмите да се приспособат на средина богата со метали.

Зоната Кларион-Клипертон е од голем интерес и поради огромните количества полиметални нодули на морското дно. Тие содржат метали како манган, кобалт, никел, литиум и цинк, поради што подрачјето се смета за потенцијална локација за идно длабокоморско рударство.

Токму можните рударски активности се една од причините за истражувањето. Авторите сакаат да создадат почетна слика за микробниот екосистем пред евентуалното започнување на експлоатацијата, за во иднина да може да се процени нејзиното влијание врз животната средина.

Длабокоморското рударство би можело физички да го наруши морското дно, да ги подигне седиментите и повторно да ги наталожи на други места. Претходни истражувања покажуваат дека влијанието би можело да се прошири и надвор од самото морско дно и да влијае врз пошироките екосистеми.

Научниците посочуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди како евентуалното рударство би влијаело врз новооткриените вируси, нивните микробни домаќини и процесите во кои тие учествуваат.

Текстот Научници открија 11.742 вируси во длабочините на Тихиот Океан е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top